По постапувањето на МВР, од ЗНМ очекуваат судска разрешница на случајот со смртните закани кон новинари

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска информираше дека Министерството за внатрешни работи (МВР) поднело кривична пријава против А.Е. (36) од село Теарце, поради постоење основи на сомнение за кривично дело „загрозување на сигурноста“ против новинари. Ваквите активности следуваат откако ЗНМ на 22 март реагираше дека преку Фејсбук профил со име Арбен Есати бил испратен заканувачки текст кој бил проследен со вулгарни зборови кон бројни медиуми.

Од ЗНМ ги поздравија ваквите активности, но, сепак, порачаа дека следен чекор е итна проактивност од страна на обвинителството, но и од судот, со цел, како што посочија, оние кои ги прекршуваат правата на новинарите да бидат соочени со правдата.

„Ваквата објава од лицето Арбен Есати предизвикала чувство на страв и несигурност од загрозување на животот на дел од новинарите од овие медиуми и на членови на нивните семејства. По ургенцијата од страна на ЗНМ а во координација со дел од новинарите кои се засегнати од овој случај беше доставено образложено барање до МВР за итно спроведување на истрага“, стои во соопштението на ЗНМ.

Оттука, ЗНМ потенцира дека ова е прв посериозен случај на повреда на правата на новинарите кои здружението ги регистрира во 2021 година. Истовремено, истакнуваат дека во 2020 година тие забележале вкупно 14 напади и сериозни закани кон новинари, но посочуваат дека само еден случај имал судска разрешница.

ЗНМ бара брза реакција на МВР и ЈО за ескплицитни закани по животот на новинари