Краудфандинг кампања за Автономен културно социјален центар 2.0

Автономниот културно социјален центар (АКСЦ) во Скопје, кој згасна пред повеќе од две години поради финансиски потешкотии, покрена краудфандинг кампања за собирање средства за рестартирање на Центарот, под називот АКСЦ 2.0.

Според објавата, потребно е да се соберат три илјади евра. Подигањето на АКСЦ 2.0. ќе го прави новоформираната група KoprivaKolektiv/The Nettle Collective, кои истовремено ќе се грижат за нејговото одржување.

„Бидејќи не сакаме да бидеме Автономен културно социјален центар зависен или под инструкции од владата, ни требаат други извори на финансирање и промоција. Донациите се идеја која ја промовираме, па поголемиот дел од финансирањето на АКСЦ идеално би требало да доаѓа на тој начин, ако сакаме да имаме навистина независно, слободно и инклузивно место. Можеме да сквотираме. Можеме да рентаме. Затоа ни е потребна вашата помош“, стои во повикот за краудфандинг на АКСЦ 2.0.

Иницијаторите на кампањата велат дека желбата за обнова на АКСЦ е дека се работи за концепт на креативен отпор против системот и сите познати форми на политичка и економска моќ.

„Во самата основа може да се најде мотото, кое можеби е веќе клише – „подобар свет е можен“. АКСЦ всушност постои за да помогне на општеството да ја отелотвори слободата, солидарноста, еднаквоста, правдата и емпатијата“, стои во повикот.

Иницијаторите се убедени дека овој концепт е можен преку помагање на се поголемиот број заедници на извонредни уметници, музичари, филмаџии, соседи, родители, учители и многу други кои ги делат овие идеали.

Тие додаваат и дека долгорочната цел на АКСЦ е охрабрување на духот на самоорганизирањето, солидарноста и подигањето на свеста кај сите кои сакаат да бидат креативни, општествено одговорни и ангажирани во трансформацијата на конвенционалните концепти во прогресивни.

Краудфандинг страницата за АКСЦ 2.0 може да ја најдете ТУКА.