Конкурс за наградата „Роман за годината 2017“

Фондацијата за унапредување и промоција на културата „Славко Јаневски“ ја доделува единствената годишна награда „Роман на годината 2017“, за која можат да конкурираат сите романи објавени во текот на 2017 година.

Наградата се доделува на предлог на петчлено жири, составено од реномирани книжевни дејци и еден претставник од Фондацијата. Ршто влегуваат во конкуренција можат да ги предлагаат самите автори, нивните издавачи или читателите.

Предлагачите се должни најдоцна до 15 јануари 2018 година да достават до Фондацијата по 5 (пет) примероци од предложените книги, кои не се враќаат. (Пожелно е и доставување на романот во електронска верзија на адресата romannagodinata@gmail.com.

Книгите се доставуваат на адреса Читална „Славко Јаневски“, улица „Димитрија Чуповски“ број 21, 1000 Скопје.

Фондацијата „Славко Јаневски“ е должна да го соопшти добитникот на наградата „Роман на годината“ најдоцна до 15 март 2018 година. Наградата се состои од плакета и паричен износ од 150.000 денари.

Инаку, „Роман на годината“ низ годините стана претпознатлив бренд на „Утрински весник“. Се доделуваше од 1999 година без генерациски предрасуди, вклучени беа секакви автори и издавачи, а будното медиумско покривање помогна наградата да влезе во колективната меморија и да оформува нова читателска публика, дома и во странство. Печатеното гласило „Утрински“ згасна, но за многумина нема дилеми дека „Роман“ треба да опстојува, како традиција во функција на литературата, и културата во земјата воопшто.