Конечно почна со работа гинеколошката ординација во Шуто Оризари

Во амбулантата во скопската општина Шуто Оризари конечно почна со работа гинеколошкиот оддел. Министерството за здравство информира дека во амбулантата ќе работи д-р Вјолца Мбиара, специјалист-гинеколог со долгогодишно работно искуство, меѓу другото, и во американска болница во Албанија.

„Конечно во амбулантата во Шуто Оризари ќе работи и гинеколог, со што решивме долгогодишен проблем и обезбедивме континуирана гинеколошка здравствена заштита за жените од oпштината“, изјави министерот Таравари.

Гинеколог во Шуто Оризари жителите и активистите бараа веќе подолго време, а беа одржани и неколку протести. И покрај ветувањата, жените од Шутка речиси 10 години немаа гинеколог во својата општина.