Концертна промоција на албум на „Rush to Relax“ во „Фросина“

Во бифето „Фросина“ во МКЦ на 30 декември (понеделник) од 21 часот ќе се одржи концертна промоција на истоимениот деби албум на „Rush to Relax“, со локална поддршка од Јоана.

„Rush to Relax“ е соло проект на Дамјан Маневски. Некогаш дел од битолското трио „Молокаи“, денес тој живее и работи во Љубљана.

„Науката е важна, музиката исто така. По неколку неуспешни обиди за бенд, Дамјан се впушта во соло авантура. ‘Rush to Relax’ го преточува глобалното рокенрол наследство во топлината и интимата на домашната кујна, со растеретен DIY пристап. Готви со тоа што има: гитара, вокал, матрици и онаа тајна состојка. Иако проектот е насловен според последниот албум на Eddy Current Suppression Ring, музичкиот израз е поблизок до современите соло проекти како Itchy Bugger, Escap-ism или Васко Атанасоски“, се вели во најавата за концертот.

Радио МОФ веќе правеше интервју со Маневски:

[Интервју] Дамјан Маневски: Во Македонија слушав „Канал 103“, а во Словенија „Радио Штудент“  

Истоимениот деби албум (достапен на касета и дигитално) излезе во септември, во издание на Look Back and Laugh.

Вечерта ќе ја отвори Јоана Ристеска со мал концерт за класична гитара.

Билетите по цена од 150 денари (во претпродажба) и 200 денари (на ден на настанот), се достапни на билетара и онлајн.