[Интервју] Дамјан Маневски: Во Македонија слушав „Канал 103“, а во Словенија „Радио Штудент“  

Rush To Relax“ – музичкиот албум создаден на DIY (направи сам) принцип, зад кој се потпишува музичарот Дамјан Маневски, се очекува да излезе на 9 септември, дигитално и во форма на касета.

Поранешниот член на „Молокаи“, моментално студент на докторски студии по биостатистика во Љубљана, осумте песни на првото издание ги снимил меѓу септември 2018 и април 2019, а летово го поминал воглавно во подготовка на деталите и целосното издание. Темите за албумот се инспирација од луѓето околу него, луѓето што му значат, што ги сака, и му оставиле некаков впечаток. Тоа го смета за најголем печат.

Радио МОФ разговараше со Маневски околу независната сцена во Љубљана, споредбата со македонската сцена, перцепцијата на мас и алтернативните медиуми, како и за самото издание и радио ангажманот.

Опиши ми го твојот проект „Rush to Relax“, за што се зборува во песните, од каде е инспирацијата за темите?

Пред неколку години конечно почнав да пишувам песни со колку толку ОК текстови – нешто што не можев да го правам претходно, како на пример додека свиревме со „Молокаи“ (2011-2014). Беа потребни неколку циклуси на пишување песни да поминат за да сфатам како да ги обликувам во форма на издание. Некои од тие први песни почнаа да се работат со бендови, кои за жал не се реализираа или сѐ уште не се реализирани. Други песни останаа така. Оваа збирка на песни воглавно ја скоцкав во последнава година дена. Истовремено успеав да најдам начин како можам сам да се снимам, а притоа да сум колку толку задоволен од самиот звук, што беше стварно голем плус.

Соло-проектот е работен на DIY принцип, кои се позитивните и негативните страни од овој пристап?

Нема негативни страни, сѐ работам како што сакам и нема кој да ми се меша. Избирам со кого соработувам и тоа ми е супер. Никогаш не сум бил многу импресиониран од снимања во профи студија и затоа ми е мило што успеав сето ова да го снимам сам, иако ми требаше доста време да го разбработам нештото. Исто сум многу среќен што Зоран и Јуре од „Look Back and Laugh“ се нафатија да го издадат ова издание и се погрижија за визуелниот дел, посебно за физичкото издание, тие се стара панк-екипа и баш е убаво да се работи со такви луѓе.

Ми смета таа често промовирана логика ден-денес дека мора бендовите да се однесуваат претприемнички, без притоа постоењето на проектот да темели на пријателства и лична доверба. Таа логика е доста присутна на showcase фестивалите во последно време. Ама мене отсекогаш повеќе ми се бендисувал искрениот панк принцип, каде што сам си градиш своја мрежа на познанства за потоа музиката сама да дојде до правите луѓе. И на тој начин засега се развива „Rush to Relax“.

Кажи ми малку повеќе за независната сцена во Љубљана? Имате ли места за свирки, за собиранки, за дружење, за уметност? И дали вашата сцена се споредува со независната сцена во Македонија?

Секој град и сцена има некој свој посебен развој на кој што влијаат многу фактори. Секако дека може да се споредуваат сцените. Главната разлика е што инди-алтер сцената во Словенија е многу често финансирана од јавни средства. Заради тоа правата независна сцена е доста често под големи притисоци, на пример доста сквотови се затворија во последните две години, и често не успева да привлекува многу нови млади луѓе. Ама во секој случај Љубљана е доста жива, има многу настани и тешко е да си во тек со сѐ.

Јасно е дека и Македонија и Словенија отсекогаш имале доста квалитетни артисти. Можеби една голема разлика е дека во Словенија има многу повеќе луѓе што ги интересира (и се занимаваат со) музика и уметност за разлика од Македонија. Тука финансиската позадина и јавната поддршка, инфраструктура е веројатно клучна.

Водиш емисија на словенечкото студентско радио „Радио Штудент“, кажи ми повеќе за твојот ангажман таму, но и за значењето на ова радио врз младите и општеството?

Ако средношколските денови ги поминав слушаjќи „Канал 103“, првите години после тоа во Љубљана ги поминав слушајќи „Радио Штудент“. Се работи за големо студентско радио со долга традиција (50 години веќе), каде што можеш да научиш многу и да запознаеш некои од најинтересните луѓе наоколу. Цело време се менуваат генерации, а моментално активно работат околу 200 млади луѓе.

Финансирањето е скромно, ама желбата за работа кај сите е голема. Станав член на музичката редакција на „Радио Штудент“ кон крајот на 2016 и од тогаш па наваму спремам различни музички термини во дневната програма, која што во обичен работен ден се изведува во живо 17 саати. Исто така пред шест месеци добив свој неделен музички термин, се вика „Лаички мајстории“ и се емитува во етер секоја сабота во 23 часот, така што последниве месеци најповеќе ги поминувам на радио спремајќи се за тоа.

„Радио Штудент“ ми се има најдено многу во животот и баш сум горд дека сум дел од таа приказна.

Но, што е со традиционалните мас-медиуми? Како ја перцепираат и покриваат независната сцена?

Исто како што јас не се интересирам за нив, така и тие не се интересираат многу за било каква подалекосежна музика или уметност. Во последниве години драстично се има намалено количината на покривање на било каква алтер сцена кај поголемите медиуми. Ама тоа што е битно е дека Радио Штудент е сѐ уште главниот медиум кој посветува највеќе време покривајќи ја локалната сцена. И сѐ додека тоа важи, нема причина за некои големи секиранции.

Од каде твојата поврзаност на докторски студии по биостатистика и музика? Музиката ти е алтернатива за математиката како основна дејност, или математиката за музиката?

Нема алтернативи, едноставно двете работи отсекогаш ми оделе и ме влечеле. Во моментов сум среќен што можам поштено да се издржувам работејќи нешто што ми одговара, и допринесувам за нешто добро, а истовремено имам доволно време да бидам посветен на музиката.

Во наредниов период проектот ќе го промовираш во градови низ Словенија, Србија и Хрватска, дали ќе имаме можност да те чуеме и тука, во Македонија?

Да, ќе отсвирам неколку концерти во околината заедно со уште еден ептен кул бенд од Љубљана, се викаат „Balans“, кој годинава исто така издаде нов албум. Ама да, имам план да отсвирам неколку концерти во Македонија во втора половина на декември, ќе видиме како ќе се развијат нештата. :)

Мартин Колоски