Kонцерт „Светлина“ со Станко Мадиќ и Оливер Балабурски во Македонската филхармонија

Македонската филхармонија го најави концертот „Светлина“ кој ќе се одржи во четврток (4 април) во 20 часот, а на кој како солист ќе настапи извонредниот виолинист и концертмајстор на радио-оркестарот на Минхен Станко Мадиќ.

„За првпат во Македонија, Станко Мадиќ ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр. 1 еден од највлијателните современи живи композитори, Петерис Васкс од Латвија. ‘Чиста убавина на звукот’ – така е опишано ова дело со наслов ‘Далечна светлина’, а создадено во 1996 година на барање на латвинскиот познат виолинист Гидон Кремер. По скоро две децении од неговото создавање, денес овој концерт е веќе класика и е дел од репертоарот на големите симфониски оркестри. Петерис Васкс во ова дело ги внел својата душа и меланхолична страст, неговите силни врски со природата, верувањата и идеалите кои ги гледа како полека исчезнуваат насекаде, и претставува центар на севкупното негово творештво“, се посочува во најавата.

Диригент на концертот „Светлина“ е маестро Оливер Балабурски кој долги години живее и твори во Канада, а со Македонската филхармонија ќе диригира по подолг период пауза.

„Оваа вечер, заедно со оркестарот на Филхармонијата и маестро Балабурски, ќе биде изведена и Симфонијата бр.4 во F-moll, оп.36 од рускиот музички гениј Петар Илич Чајковски. Токму Четвртата симфонија претставува своевиден автопортрет – симфониски хибрид, во кој се вкрстуваат архитектонската форма со поетиката на симфониската поема“, велат од Македонската филхармонија.