Концерт на Гоце Стевковски и промоција на „Музика и муабети“ на Ненад Георгиевски

Во понеделник (21 ноември), со почеток од 9:30 часот во Станица 26 ќе се одржи седмото издание на Twelve Moons of Jazz, овојпат со концерт на перкусионистот Гоце Стевковски и средба со музичкиот новинар Ненад Георгиевски, кој ќе ја промовира својата книга „Музика и муабети“.

Twelve Moons Of Jazz во седмото продолжение, ќе биде место на испреплетување во различноста на изразот прикажан преку музика и пишан збор.

Од страната на сцената овој пат гостува еден од најистакнатите македонски тапанари и перкусионисти Гоце Стевковски. Запаметен по соработката со Кирил Џајковски, Леб и Сол, Архангел, Ласт експедишн, Проект Жлуст, ДНО, Коџабашија, Фолтин, Бодан Арсовски и Езгија оркестра, Шаревски Квартет, Зоран Маџиров и останатите, Стевковски во 2013 година се издигнува на повисоко ниво компонирајќи го својот деби албум насловен „7 Stories” заедно со повеќе етаблирани македонски музичари во проектот едноставно именуван „Гоце Стевковски Септет”.

Посетителите ќе имаат можност и да се запознаат и дружат со музичкиот новинар Ненад Георгиевски, кој е долгогодишен соработник на порталот за џез-музика „All About Jazz” во САД и организатор на филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Skopje Cinema City“. Во седмото издание на Twelve Moons Of Jazz ќе биде промовирана книгата „Музика и муабети“, збирка на интервјуа од Георгиевски.

По полноќ со свој џез сет ќе настапи и DJ Bojan Chakra.

Влезот чини 150 денари. Билетите се во ограничен број, а истите може да се купат преку продажните мрежи на МК Тикетс и Карти.