Концерт на белгискиот трип-хоп бенд „Hooverphonic“ во Скопје

Познатиот трип хоп бенд „Hooverphonic“ на 29 март ќе настапи во салата на Македонската филхармонија во Скопје.

Гостувањето во Скопје е во рамки на нивната балканска турнеја, во организација на Авалон Продукција, во чии рамки ќе настапат и во Загреб, Белград и Софија.

„Hooverphonic“ e белгиски бенд основан во 1995 година кој има зад себе осум студиски албуми, како и неколку компилациски изданија. Кон средината на ноември минатата година, бендот го објави албумот „Looking for stars“ кој содржи единаесет нумери на кои бендот експериментира со повеќе музички жанрови, но сепак останува верен на трип хопот чија основа преовладува во целиот носач на звук, а исто така наиде и на одлични критики кај музичките рецензенти.

Публиката во Скопје ќе има ексклузивна можност за прв пат во живо да ги чуе некои од најголемите хитови кои ја одбележаа кариерата на еден од најголемите трип-хоп бендови на сите времиња како што се легендарната „Mad about you“, „2 Wicky“, „Eden“, „Winegar and salt“ и уште многу други.