Компјутер попрецизен од доктор во препознавање рак на кожа на фотографии

Компјутер бил подобар од дерматолог при детектирање рак на кожата на фотографии, покажува научна студија која ги споредувала луѓето и машините за подобра и побрза медицинска дијагностика.

Тим од Германија, САД и Франција успешно програмирале систем за вештачка интелигенција кој разликува опасни од безопасни кожни дамки, преку покажување на повеќе од 100 илјади фотографии.

Компјутерскиот систем, составен од невронска мрежа за длабинско учење, бил тестиран во споредба со 58 дерматолози од 17 земји, преку фотографии на малигни меланоми и бенигни младежи, пренесува Гардијан.

Преку половина од дерматолозите биле на експертско ниво, со повеќе од пет години искуство во професијата, 19 проценти од нив биле помеѓу две и пет години искуство, додека 29% од докторите биле почетници, со помалку од две години искуство.

„Компјутерскиот систем бил подобар од поголемиот дел дерматолози“, пишуваат научниците во студијата објавена во медицинското списание „Годишник на онкологијата“ (Annals of Oncology).

Просечно, дерматолозите успешно детектирале 86,6% од раковите на кожа од фотографиите, во споредба со 95% успешност кој ја постигнал компјутерот.

„Компјутерскиот систем не забележал помалку меланоми, што значи дека има поголема чувствителност од дерматолозите. Истовремено погрешно дијагностицираше помал број на бенигни младежи како малигни меланоми“, вели во соопштение Холгер Хансле, еден од авторите на студијата.

Успешноста на дерматолозите се подобрила кога добиле повеќе информации за пациентите и нивните кожни дамки.

Научниот тим вели дека вештачката интелигенција може да биде корисна алатка за побрза и полесна дијагноза на кожните ракови, овозможувајќи хируршко отстранување пред нивно проширување.

Секоја година има околу 232.000 нови случаи на меланома и 55.500 смртни случаи годишно во светот.

Меланомите на одредени места на телото, како прстите на рацете и нозете и на скалпот се тешки за фотографирање и вештачката интелигенција има проблем со препознавање на „нетипични“ дамки, или такви за кои ниту самите пациенти не се свесни.

„Засега нема нешто што може да ја замени целосната клиничка проверка“, велат експертката Викторија Мар од Универзитетот во Мелбурн и Питер Сојер од Универзитетот во Квинсленд во нивниот текст објавен заедно со студијата.