Колешникова била приведена откако одбила депортација од Белорусија

Главниот опозициски предводник на антивладините протести во Белорусија, Марија Колешникова, била приведена на границата со Украина, информира државните медиуми во земјата откако претходно беа споделени информации дека Колешникова била киднапирана од непознати лица.

Колешникова е единствената која остана во Белорусија од триото политичарки кои му се спротиставија на Лукашенко.

Таа заедно со Светлана Тихановскаја и Вероника Цепкало се здружија пред изборите како опозиција на долгогодишниот белоруски претсседател. Веднаш по изборите на 9-ти август, Тихановскаја пребегна во Литванија, додека Цепкало замина во Полска.

И понатаму стигаат контрадикторни вести за тоа што се случило на Колешникова на граничниот премин со Украина. Рано утрово, граничните власти на Белорусија потврдиле за руската агенција Тасс дека Колешникова, заедно со уште двајца опозициски активисти, поминала на граничниот премин. Сепак подоцна белоруските државни медиуми пренеле дека таа била приведена на границата – верзија на настаните која ја потврдуваат и информациите од украинските гранични служби кои велат дека таа пристигнала на границата, но не влегла во Украина.

Украинскииот заменик министер за внатрешни работи, Антон Герашенкопак објави дека белоруските служби насилно сакале да ја протераат Колешникова од земјата, но таа одбивала депортација од Белорусија, најпосле кинејќи го својот пасош по што белоруските служби не можеле да ја протераат.

„Марија Колешникова не можеше да биде депортирана од Белорусија бидејќи оваа храбра жена презеде чекори со кои го оневозможи нејзиниот премин на границата. Таа останува на територија на Република Белорусија. Александар Лукашенко е лично одговорен за нејзиниот живот и здравје“, напишал на Фејсбук Герашенко.

Колешникова беше киднапирана вчера, заедно со членови на опозицискиот Координациски совет, кој е формиран за мирна транзиција на власта по масовните протести на граѓаните кои одбиваат да ги прифатат изорните резултати.