Коби Брајант, легендата на Лос Анџелес Лејкерс, загина во хеликоптерска несреќа

Еден од најдобрите кошаркари во историјата на спортот, Коби Брајант, загина во хеликоптерска несреќа во Калифорнија, пренесоа американските медиуми. Брајант кој беше петкратен НБА шампион со екипата на Лос Анџелес Лејкерс и два пати освои олимписко злато со репрезентацијата на САД, имаше 41 година.

Бекот, кој целата своја кариера ја помина во кошаркарскиот тим од Калифорнија беше еден од наследниците на Мајкл Џордан откако влезе во најсилната кошаркарска лига во 1996 година на само 17 годишна возраст и стана еден од најмладите играчи кои заиграле во лигата.

Брајант требаше следната година да влезе во кошаркарската „Куќа на славните“.

Моментално се наоѓа на четвртото место на листата на играчи со најмногу постигнати поени во историјата на НБА лигата.

По пензионирањето од кошарката, Брајант се посвети на проекти во филмската индустрија. Пред две години, освои и оскар за анимираниот краток филм „Драга кошарка“.