Коалиција Маргини: Апел за безбедност на ЛГБТИ заедницата за време на протестот на МПЦ

Од Коалиција Маргини упатија апел за безбедност до ЛГБТИ заедницата и поддржувачите, по повод, како што најавуваат од МПЦ, утрешниот собир против предлог законот за родова еднаквост и измените во законот за матична евиденција

„Загрижени од енорминиот раст на пријави на инциденти и вербални напади и закани како онлајн, така и во физичкиот простор во последните денови, а предизвикани од вжештената атмосфера околу дискусијата на верските институции поврзана со носењето на законите за родова еднаквост и матична евиденција, ви се обраќаме со апел и совет за ваша и наша лична безбедност и добросостојба. Како граѓанско општество остануваме посветени на градење на општествена кохезија и надминување на раздорот и застапување за помирување меѓу нашите граѓани“, се вели во обраќањето.

Од „Маргини“ велат дека со големо жалење, за првпат бараат од лицата од ЛГБТИ заедницата и поддржувачите да бидат помалку видливи и тивки во текот на денот на протестот, додавајќи дека апелот е поради грижата за заедницата.

„Остануваме да бидеме гласни и посветени во борбата за еднаквост и демократија, но на крајот на краиштата најважно е да останеме живи и здрави за да можеме да продолжиме да ја остваруваме нашата визија за Македонија како земја на еднакви права и можности за сите граѓанки и граѓани“, истакнуваат оттаму.

Од Коалицијата советуваат утре на 29 јуни, но и денот потоа:

Да се избегнува просторот на одржување на протестот,
Да се избегнува носење на обележја кои асоцираат на ЛГБТИ заедница во јавен простор;
Да се движите низ осветлени и фрекветни улици и простори;
Секогаш имајте мобилен телефон при рака, за да во случај на каков било инцидент – веднаш да ја контактирате полицијата;
Во случаи на вербални напади и провокации, останете смирени и тивки и брзо упатете се кон место каде што има повеќе луѓе;
Во случаи на вербални напади во такси, останете смирени и не влегувајте во дискусија. Побарајте да слезете на првото погодно место и напуштете го возилото во молк. Веднаш потоа пријатевет го возачот во такси компанијата, а инцидентот до надлежните институции;
Во случај на напад или закани во автобуси, останете смирени и не влегувајте во дискусија. Излезете без збор на следната станица и пријавете во надлежни институции;Во случај на физички напад гласно барајте ПОМОШ!. Штом сте на безбедно веднаш пријавете.

„Свесни сме дека ЛГБТИ заедницата ретко пријавува случаи на насилство и прекршување на права до институции и затоа излегуваме во пресрет. Случаите на напади, закани, агресии и вознемирување можете да ги пријавите во Хелсиншкиот комитет за човекови права на 02/3119073 од 09 до 15 часот и на 078/734217 од 15 часот. Чувајте се и останете во добро здравје“, се посочува во апелот.