Климатски активисти се залепија на црвениот тепих на Берлинскиот филмски фестивал

Маж и жена вчера се залепија на црвениот тепих на отворањето на Берлинскиот филмски фестивал, повикувајќи ја германската влада и општеството да преземат поголема акција во борбата против климатските промени, пренесува Н1.

Двајцата активисти се залепија за тепихот по пристигнувањето на филмските ѕвезди во Берлинале Паласт за церемонијата на отворањето на фестивалот. Групата „Последна генерација“ која ја организираше акцијата рече дека актуелната влада и општеството се последните кои имаат шанса да го спречат климатскиот пекол со милијарди мртви.

„Застапувањето за одржливост на мало ниво, како што тоа го прави Берлинале, е важно, но тоа нема да не спаси само по себе. Мораме да ги свртиме работите“, рече активистот Рафаел Велми.

„Ако продолжиме да бегаме од реалноста, ќе ги поминеме првите климатски пресвртни точки и ќе покренеме смртоносна лавина од која нема спас“, рече активистката  Лиза Винкелман.

Имаше извици, но протестот не предизвика поголеми нарушувања. Групата рече дека двајца нејзини активисти ја прескокнале оградата за да протестираат. Црвениот тепих беше генерално празен кога започна протестот бидејќи повеќето гости веќе влегоа во зградата.