Ќе се поставува прва планинарска патека на Огражден

Планинарскиот спортски клуб „Голак“ од Делчево ќе започне со изработка на планинарска патека на планината Огражден, што ќе претставува прва планинарска трансверзала во Брегалничкиот регион.

Патеката ќе биде со должина од 10 километри во еден правец, а проектот ПСК „Голак“ го реализира заедно со Општина Берово.

„Патеката ќе биде маркирана по Књефелцовата маркација и ќе бидат поставени планинарски патокази како и информативни табли со сите потребни податоци. Почетна точка ќе биде во центарот на село Двориште (Општина Берово) 900 м.н.в. а крајна точка ќе биде врв Огражденец, 1746 м.н.в. на планината Огражден. На нејзе ќе се надоврзе планинарска патека од струмичка страна, така што ќе се направи една комплетна трансферзала. Денес,претседателот на ПСК „Голак“ – Делчево, Љупчо Чучуковски, со уште двајца членови на клубот од огранокот во Берово – Васе Пилицовски и Жаклина Реџовска, ја поминаа патеката и ја мапираа со ГПС Гармин и оценија каде треба да има патокази како и каде се маркира патеката“, напишаа од Планинарскиот клуб на Фејсбук.