Ќе се обновува Железничката зграда во Скопје

Има волја за реновирање на Железничката зграда во Скопје и буџет од Општина Центар, но за идејата што поскоро да заживее е потребно да се креира работна група која ќе ја реализира целата постапка на заживување на овој архитектонски уникатен и вреден простор. Ова е заклучокот од  дискусија на тема „План за употреба на железничката зграда“, на која присуствуваше градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, младите архитекти- креатори на идејни решенија за обновување на просторот кои учествуваа на студентскиот конкурс, станарите на Железничката зграда, како и иницијаторите на проектот од неколку партнерски граѓански организации.

Саша Богдановиќ, градоначалникот на Општина Центар вели дека во програмата на Општина Центар веќе се предвидени средства за обнова на Железничката зграда, останува уште идејните решенија на архитектите да се достават како проект до општината и сите различни чинители активно да се вклучат во континуирана комуникација и соработка, а посебно станарите чија согласност е клучна со цел да се реализира било кој предлог за реновирање и интервенција на објектот.

„Ќе ни биде потребна проактивна соработка од сите засегнати страни за да се реализира овој проект Посебно од граѓаните на Железничката зграда. Ние како Општина имаме одредени правни рамки кои мораме да ги испочитуваме, а за тоа ни е потребна соработка од сите. Во нашите програми и во буџетот веќе е предвидено да се направи интервенција на фасадата или било кој простор во зградата но, мора да имаме согласност од сите станари за да биде целосна документацијата“, вели Богдановиќ.

Градоначалникот додаде дека е неопходно од дискусијата да произлезе работна група во која покрај тимот на општината ќе учествуваат и архитекти, станари на зградата и сите вклучени чинители во проектот, кои ќе ги продолжат чекорите до крајна реализација.

Виолета Качакова, од Локомотива, центарот за нови иницијативи во културата, вели дека овој проект е поширок, и опфаќа повеќе локации на територијата на Македонија.

„Постои дијалог и соработка со градската власт, еден од просторите кој што веќе функционира во соработка со Општина Центар е Кино Култура. Вториот простор во Скопје, е ова Кино, за кое веќе се залагаме заедно со станарите на зградата да се обнови и заживее. Останатите два простори се К.У.Ц Текстил во Штип и Офицерскиот дом во Битола. Мислам дека постои дијалог и интерес за соработка, прашањето е кои се можностите и правните и финансиските препреки, меѓутоа ние сме овде да се залагаме за тоа да успее и без разлика колку ќе трае тој процес – ќе се трудиме да вроди со некаков резултат“, изјави Качакова, партнерка во проектот.

На настанот беа изложени и образложени предлог-проектите на младите архитекти кои се пријавија на студентскиот конкурс за идејно решение за нов внатрешен просторен концепт (dream space) на постоечкото кино во Железничка зграда во центарот на Скопје. Сертификатите и наградите на трите најдобри решенија на конкурсот ги доделија членовите на жири-комисијата, архитектите Дејан Ивановски и Максим Наумовски и ликовната уметница Слободанка Стевческа.

На конкурсот пристигнаа 6 проектно–идејни решенија поднесени од шест соработнички тимови на студенти и млади професионалци – архитекти и ликовни уметници.Првата награда од 15.000 денари ја добија Ирена Милојеска и Христина Секулоска, а наместо втора и трета награда беа доделени две втори награди од по 7.500 денари, едната за тимот автори Миа Шириќ и Михајло Стојановски, и другата за Љавдрим Реџепи и Енес Север. Посебно признание и книга Комисијата додели на проектот од авторите: Симона Чинговска, Милица Савевска и Томе Димитриевски, а пофалници за учество добија и авторките Тамара Чорбиќ и Моника Танушевска. Сите учесници на конкурсот добија Сертификат за учество.

Студентите по архитектура кои ги изложија и презентираа своите идејни решенија во склоп на настанот, ја изразија волјата и да одат до крај со нивна реализација, бидејќи на Железничка зграда гледаат како на едно исклучително значајно архитектонско богатство и инспиративен простор за работа, во кој и покрај интервенцијата, сепак треба и да се задржи автентичноста и првичната естетика.

 

Заблагодарувајќи им се од име на сите партнери на проектот на учесниците на конкурсот и на комисијата, Филип Јовановски, од иницијативата “Факултет за работи што не се учат“ истакна дека транспарентноста и стручноста на целиит процес треба да послужи како пример за вакви конкурси.

„Она што е многу важно да се спомне е тоа што успешно истуркавме еден транспарентен конкурс, каде што на отворен начин кон учесниците и кон целиот процес на одлучување сè се одвиваше на едно многу стручно и високо ниво. Тоа е навистина за поздрав. Сметам дека почесто треба да случуваат такви транспарентни процеси со кои што ќе се бориме и залагаме за јавниот интерес“, рече Јовановски.

На отворената дискусија присутни беа и дел од станарите на Железничката зграда, едни од нејзините напрви и најстари жители кои се сеќаваат на времето кога тој простор за домување фунцкионирал во полн сјај. Тие апелираа да не се изостава реновирањето на целиот простор, бидејќи не е проблем само запуштената состојба на кино салата, туку и на целиот објект кој е во ужасна и истрошена состојба.