Ќе се формира ново претпријатие за грижа на бездомни животни, најави Шилегов

Градот Скопје ќе започне постапка за формирање на претпријатие за грижа на животни, најави денеска на прес-конференција градоначалникот Петре Шилегов.

ЈП „Комунална хигиена“ нема да биде надлежно за бездомните животни, туку претпријатието ќе обезбедува ветеринарна грижа, стерилизација и вдомување на животните, соопшти тој.

„Постапката тече паралелно со чипирање на домашните миленици, со цел кога ќе заврши овој процес да функционира стационарот во градот Скопје. Новиот систем ќе овозможи решавање на проблемот. Тој бара инволвирање на повеќе граѓански активисти и здруженија со цел бројот на бездомни животни да се сведе на минимум“, рече Шилегов.

Новиот стационар ќе биде основан со пари од градскиот буџет, а во неговото одржување ќе бидат вклучени и граѓански здруженија, соопшти тој.