Ќе нема работни саботи за учениците, наставниците добиваат зимски распуст – измени во Законот за основно

Кратење на работните саботи, на бројот на часови и деца во одделение, додека наставниците добиваат слободни денови за зимскиот распут. Ова се дел од измените на Законот за основно образование, што денеска ги најави министерката за образование и наука Рената Десковска, а кои се очекува да бидат усвоени од Собранието пред почетокот на новата учебна година.

Со најавените измени, бројот на наставни денови нема да биде фиксно утврден со цел да се избегне одработување на часови во саботите, па секоја година МОН ќе одлучува колку денови ќе трае учебната година, во распон од 175 до 180 дена.  Измените на Законот за основно образование, ги утврдуваат максималниот број на часови на учениците, а предвидено е и намалување на бројот на ученици во паралелките.

„Наместо досегашниот минимален број од 24 ученици, како минимален праг се утврдуваат 20 ученици. Значи според предлогот на Законот бројот на ученици во паралелката може да се движи во распон од 20 до 30. Тенденцијата е тој да биде до 24 максимум, но во моментов сме свесни за одредени „пребукирани“ училишта во Скопје, каде што има многу ученици, а нема просторни можности за помали одделенија од 30 ученици“, истакна министерката Дескоска.

Наставниците ќе добијат платени неработни денови за време на зимскиот распуст на учениците, кои нема да им бидат пресметани во годишниот одмор. Предметните наставниците, пак кои немаат доволно часови ќе бидат ангажирани на одржувањето на интегрираната база на податоци, одржувањето на веб – страницата, е-дневникот на училиштето и другите обврски поврзани со компјутерската работа во училиштето.

Со измените на Законот за основно образование се опфатени и учениците со посебни образовни потреби, за кои се предвидува обезбедување соодветни услови за настава во редовните и ресурсните основни училишта , како и индивидуална помош. Истовремено, со закон ќе се забрани да има повеќе од две деца со посебни посебни образовни потреби во исто одделение, за да се избегне нивно групирање и изолирање во една паралелка.

„Заради дополнителна и стручна помош во воспитувањето и образованието на децата со посебни образовни потреби, се предвидува формирање на мобилни служби составени од стручни лица (психолог, специјален едукатор – дефектолог, логопед, социјален работник, педагог), а исто така се предвидува училиштето да обезбеди личен асистент на ученикот со посебни образовни потреби, при што асистентите ќе добиваат надомест за својот ангажман од Буџетот на Република Македонија“, рече Дескоска.

За учениците пак кои се на домашно или болничко лекување подолго од три недели, училиштето ќе има обврска да обезбеди наставници кои ќе работат со нив надвор од училиштето.

Со измените се воведува надворешна евалуација на училиштата, а додека вработените во училиштето кое е рангирано како најдобро ќе добиваат додаток на платата во износ од 30 отсто во наредните 12 месеци. Во Законот за основно ќе вклучи и исхраната на учениците, а квалитетот на оброците ќе го утврдува Институтот и Центрите за јавно здравје во Република Македонија.

Со предвидените измени на Законот, се воведува обрска за професионална ориентација на учениците од основното образование при што училиштето во соработка со установи за професионална ориентација ќе им помага на родителите и на учениците при изборот на средното училиште и занимањето. Измените обезбедуваат учество на претставници на деветтоодделенците на седниците на училишниот одбор, како и задолжително советување на родителите чии деца на училиште користат говор на омраза.