Ќе мора ПЦР тестови за патување во Србија, Црна Гора и БиХ, без тест може само во Косово

Владата на Република Северна Македонија извести дека поради влошување на состојбата со пандемијата на Ковид-19 во регионот влезот на македонски државјани во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина нема да биде дозволен без негативен ПЦР тест, додека во Косово останува можноста да се патува без приложен тест на коронавирусот.

Оваа промена доаѓа откако пред една недела од Владата најавија дека по принципот на реципроцитет, со земјите од регионот било договорено граѓани да патуваат помеѓу овие земји без обврска да приложат негативен тест. Таа владина одлука требаше да стапи на сила денеска.

„Владата на Република Северна Македонија ги известува граѓаните дека согласно влошувањето на состојбата со КОВИД-19 пандемијата во регионот и големиот број на нови позитивни случаи, влезот на македонски граѓани во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина нема да биде дозволен без приложување негативен ПЦР тест кој не е постар од 48 часа од моментот на влез во овие земји. Можноста за влез на македонски државјани во Косово без ПЦР тест останува, но Владата апелира до граѓаните да не патуваат надвор од земјата доколку немаат неодложна потреба за тоа“, соопштија синоќа од Владата.

Од Владата велат и дека во следните денови ќе ја ревидираат одлуката за влез на државјани од Србија, Црна Гора, БиХ и Косово во Северна Македонија без ПЦР тест.