Карпошани: Сами ги идентификуваме загадувачите, во отсуство на реакција од надлежните

Карпош деновиве се бори со екстремно високо загадување предизвикано од несовесни граѓани и стопанственици. За жал, наместо нашиот глас да биде чуен оставени сме само да гледаме како чадот се подигнува од повеќе локации, стигнува до нашите домови и систематски не труе, реагираат граѓаните.

„Го направивме тоа што секој цивилизиран граѓанин на една урбана општина како што е Карпош треба да го направи – се обративме до сите институции и особено апелиравме за поголема ангажираност на Општината Карпош. Сепак, оттаму само добиваме автоматизирани одговори и безмалку никаква реакција на терен“, велат тие.

Затоа, дел од нив решија сами да излезат на терен и да идентификуваат кој загадува, па деталите да ги пријавуваат во Општината, во противпожарните служби.

„Покрај тоа што Општината дозволи да се изградат бројни нови станбени објекти (поголемиот број висококатници) и ги затвори каналите за природен проток на воздух, деновиве сме сведоци дека експанзијата е насочена и кон кејот на Вардар долж Булевар Илинденска“, забележаа карпошани.

Тие најавија дека следни чекори се мирен протест и поголема ангажираност на терен.

„Се надеваме само дека нема да се исцрпат демократските и цивилизираните начини за разрешување на овој клучен проблем“, се вели во апелот на граѓанската иницијатива.