Кандидати за ректор за УКИМ: Принудени сме да поднесеме кандидатура, иако Изборната комисија треба да го сопре изборот

Тројцата професори кои јавно изразија интерес да се кандидираат за ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ), потенцираат дека се принудени денес да поднесат документи, иако, велат тие, согласно Уредбата на Владата е потребно да се стопираат изборните активности во вонредна состојба.

„Бидејќи до овој момент Универзитетската изборна комисија не го стопира конкурсот,  а рокот за пријавување истекува денес во 16 часот, ние како потенцијални кандидати приморани сме да ги поднесеме документите, иако во целост ни е јасна уредбата од Владата“, се вели во соопштението на јавноста на Вујица Живковиќ, Драги Димитриевски и Петар Атанасов.

Кандидати за ректор на УКИМ: Изборната комисија да излезе со јасен став за да нема различни толкувања

Уредбата беше допрецизина од Владата откако се појавија различни реакции, а НАкС побараа нејзини измени за да нема различни толкувања и правни дилеми околу спроведувањето на изборите на УКИМ. Со вчерашно соопштение нагласија дека очекуваат ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски да ги сопре постапките за избор на ректор и Сенат на УКИМ, се до завршување на вонредната состојба.

Денес и СОНК се јави со своја реакција, барајќи да прекинат изборните активности заради безбедноста и здравјето на вработените.

„Во спротивно, ќе имаме основано сомнение дека е направено кривично дело против здравјето и безбедноста на луѓето, како и злоупотреба на службената должност. Сигурни сме дека изборната комисија разумно ќе постапи и дека нема да има продолжување на изборниот процес се до завршување на вонредната состојба“, се вели во реакцијата на СОНК.