НАКС го поздрави стопирањето на изборите на УКИМ

Откако Владата ја допрецизираше Уредбата за законот за високо образованиереши со која практично ги прекина изборните активности за ректор и Сенат на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) поради пандемијата со коронавирусот, од Независниот академски синдикат (НАКС) ја поздравија оваа одлука додавајќи дека сега нема повеќе правни дилеми околу спроведувањето на изборите на УКИМ.

„Со оваа навремена и здраворазумна одлука на Владата се заштитуваат демократските принципи на универзитетите, но и здравјето на академската заедница. Со одлуката на Владата, реакцијата на Државната комисија за спречување на корупција, но и принципиелната реакција на Државниот трудов инспекторат, кој во јануари утврди нарушување на синдикалното здружување, се враќа надежта за поголема отчетност и респонзивност на институциите. Оттука, ги поздравуваме овие одлуки и ги охрабруваме и другите институции од областа на високото образование и науката да работат во заштита на јавниот интерес“, соопштија од НАКС.

Од Синдикатот сега очекуваат ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски да ги сопре постапките за избор на ректор и Сенат на УКИМ, се до завршување на вонредната состојба.