Владата ги прекина изборите за ректор на УКИМ

На вчерашната седница, Владата информираше дека извршиле допрецизирања во членот 5 од Уредбата за законот за високо образование со кои практично се става во мирување изборот на ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) за времетрањето на вонредната состојба.

Уредбата предвидува дека на органите на универзитетите на кои мандатот им истекува за време на вонредната состојба, постапките за избор ќе започнат, односно продолжат, во рок од 30 дена од завршување на вонредната состојба.

„Со ова дополнување се регулира дека сите почнати постапки за избор на раководен орган пред стапување во сила на оваа уредба ќе се стават во мирување. Дејствијата кои се преземени претходно се сметаат за важечки, а останатите дејствија ќе продолжат по завршување на вонредната состојба и по престанок на ограничувањата предвидени со закон. Со ова дополнување се гарантираат транспарентноста и инклузивноста при процесите на универзитетите во рамките на воспоставената правна рамка“, дополнуваат од Владата.

Вчера, пред владината одлука, тројца кандидати за ректор на УКИМ побараа да се прекине постапката за избор на ректор.

Професорите Вујица Живковиќ, Петар Атанасовски и Драги Димитриевски преку соопштение до јавноста реагираа дека по растот на бројот на случаи од Ковид-19 изборите за ректор во услови на  вонредната состојба значат прекршување на здравствените мерки и препораки.

„Гласањето за Ректор и физичкото присуство на околу 2.000 професори и студенти во овие услови значи  директно загрозување на здравјето на сите професори и студенти, посебно кога се забранети јавни собири над 20 луѓе, бидејќи со гласањето голема е веројатноста професорите, студентите и членовите на нивните семејства да се заразат, со што УКИМ ќе биде нов кластер на зараза. Членовите на Комисијата за избори на УКИМ доколку не ги стопираат изборните дејствија додека трае вонредната состојба и без Претседател на Сенат, прават кривично дело во смисла на член 205 и 206 од КЗ (кривични дела против здравето на луѓето) и 353 (злоупотреба на службената положба и овластувања)“, стои во соопштението на професорите.

Тројцата кандидати за ректор велат дека постапката треба да продолжи кога ќе се создадат безбедни услови, во нова законска и статутарна постапка со нов Сенат и претседател на Сенат. Тие додаваат дека за тоа има време до 15-ти септември.

Легитимноста на изборите на УКИМ ја оспоруваа и од Независниот академски синдикат кои тврдеа дека според владината уредба не може да се одржуваат избори, да се отпочнува или продолжува избор на органи, вклучително и ректор на УКИМ, во време на вонредна состојба.