НАкС: Владата да ја допрецизира уредбата и да се стопираат избори во УКИМ во вонредна состојба

Независниот академски синдикат (НАкС) денес на прес-конференција повторно ја актуелизираше легалноста на постапката за избор на ректор на УКИМ, упатувајќи до Владата седум прашања во однос на донесената уредба од 23 март, со цел да се расчистат правните дилеми.

Синдикатот тврди дека според уредбата не може да се одржуваат избори, да се отпочнува или продолжува избор на органи, вклучително и ректор на УКИМ, во време на вонредна состојба.

„Нашето тврдење е врз основа на претпоставката дека Владата своите уредби ги носи водејќи сметка не само за здравјето на граѓаните, туку и за демократичноста на самите изборни процеси. Но, од друга страна, ректорот Јанкуловски толкува дека нема пречка да се реализира изборот. Затоа, НАкС бара од владата автентично толкување на одредбите за избор на органи. Доколку на нашите седум прашања не е можно да се дадат конзистентни одговори, тогаш Владата да донесе нови измени на уредбата“, побара Маја Стевановиќ од НАкС.

Во изминатиот период НАкС во повеќе наврати реагираше во јавноста, а, во однос на легитимитетот, Стевановиќ потенцираше дека има доволно време да се избере ректор, бидејќи, вели таа, мандатот истекува дури на 15 септември, а и во уредбата на Владата е предвидено продолжување на мандатите.

„За нас е неприфатливо да се форсираат избори на начин со кој кандидатите за сенатори немаат елементарна можност да ги претстават своите програми на студентите и колегите. Од друга страна, гласачите немаат можност да донесат информирана одлука“, забележа Стевановиќ.

Исто така, потенцираше дека во изминатиот период се поднесени претставки до Антикорупциска комисија и Просветниот инспекторат за процесот за изборот на сенатори.

„Но, одлуката на Просветниот инспекторат ќе зависи токму од јасноста на уредбата. Така што, сметаме дека не треба да се остави на орган понизок од Владата да влезе во толкување на уредбата. Сепак е нејасна уредба, и согласно нивото лично толкување, да би донела решение од каков било тип. Ова е од принципиелна страна, но, како што кажа и претседателката од Антикорупциска – ‘да спречиме евентуално ситно и суптилно тргување со моќ, интереси, влијание’“, нагласи Стевановиќ од НАкС.

Потсети и дека се работи за први, непосредни избори за ректор на УКИМ, на начин предвидени во новиот Закон за високо образование.

„Штета е да бидат одржани избори со проблематичен легитимитет. Тоа ќе се одрази и во иднина на УКИМ, во кој има квалитетни професори, педагози, научници и студенти. Штета е на ваков начин да се случат на нашиот универзитет. Последиците би биле по целата држава“, рече таа.

Мира Беќар од НАкС, во име на Синдикатот, рече дека Универзитетот не припаѓа на индивидуалци.

„УКИМ е јавен, државен, тоа е најстариот универзитет. Припаѓа на целата академска заедница каде се и нашите студенти. Во 2016 ги шокиравме студентите со хаотични и проблематични избори за студентски парламент. Конечно, лани успеавме да оформиме здраво студентско тело, кое е многу активно и сака повторно да си ја воспостави улогата на УКИМ. Да не дозволиме со другиов пример, со ваков избор на ректор и сенатори, да им покажеме дека можат да одат во несакана насока. И, освен што УКИМ е автономен, потребно е да се адаптира на социјалното опкружување. Значи, јавен Универзитет од 1949 кој мора да си ја продолжи традицијата и задржи реномето“, рече Беќар.

Б.Ш.