СОНК: Да прекинат изборните активности на УКИМ заради безбедноста и здравјето на вработените

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) со соопштение до јавноста вели дека со внимание ја следи состојбата на УКИМ со изборот на раководство на најголемиот и најреномиран Универзитет, откако Владата на 5 јуни информираше дека е допрецизиран членот 5 од Уредбата за Законот за високо образование, со што се става во мирување изборот на ректор за времетраење на вонредната состојба.

Според СОНК, со нивната реакција немаат воопшто намера да се мешаат во изборите на УКИМ, бидејќи сметаат дека немаат и такво право како синдикат, но, велат тие, сепак имаат имаат статутарно и морално право да се грижат за здравјето и безбедноста на нивните членови.

„Имено, доколку не се сопрат сите активности во врска со изборниот процес на УКИМ, голем број од нашите членови ќе бидат спречени да го дадат својот глас заради донесената Уредба од страна на Владата, со која во вонредни услови се ослободуваат од работа хронично болните работници како и родител со деца до 10 годишна возраст. Исто така, во вакви околности е забрането групирање на луѓе, што практично би значело и невозможност да се излезе на гласање за сенатори. Се чини дека е јасна најновата Уредба на Владата за замрзнување на изборните активности на УКИМ се до завршување на вонредната состојба во државата. Во текот на денот очекуваме изборната комисија при УКИМ да ги стопира и одложи сите свои активности, со што не би ги довеле во опасност по здравјето поголем број наши членови, како и останатите вработени во УКИМ. Во спротивно, ќе имаме основано сомнение дека е направено кривично дело против здравјето и безбедноста на луѓето, како и злоупотреба на службената должност. Сигурни сме дека изборната комисија разумно ќе постапи и дека нема да има продолжување на изборниот процес се до завршување на вонредната состојба“, се вели во реакцијата на СОНК. 

На кандидатите за сенатори и Ректор на УКИМ им посакуваат фер и коректна кампања, со надеж дека на раководните позиции ќе бидат избрани вистинските луѓе кои, велат од СОНК, ќе се заложат со сиот свој капацитет за подигнување на квалитетот на високото образование, како и за подобрување на социјалниот статус на сите вработени во УКИМ.

Инаку, претходно и Независниот академски синдикат (НАкС) ја поздравија одлуката на Владата за допрецизирање на Уредбата, со што сметаат дека нема да има правни дилеми околу спроведувањето на изборите на УКИМ.

„Со оваа навремена и здраворазумна одлука на Владата се заштитуваат демократските принципи на универзитетите, но и здравјето на академската заедница. Со одлуката на Владата, реакцијата на Државната комисија за спречување на корупција, но и принципиелната реакција на Државниот трудов инспекторат, кој во јануари утврди нарушување на синдикалното здружување, се враќа надежта за поголема отчетност и респонзивност на институциите. Оттука, ги поздравуваме овие одлуки и ги охрабруваме и другите институции од областа на високото образование и науката да работат во заштита на јавниот интерес“, соопштија од НАКС.