Канческа Милевска: Тезите на Фетаи се „рекла-казала“ и трач муабети кои одговорно ги отфрлам

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска реагираше на обвинувањата на Специјалното јавно обвинителство, велејќи дека тоа нема капацитет да ја заврши својата работа и дека не треба да зборува за работи кои не ги разбира и познава, а тоа е културата. Таа на денешната прес-конференција што ја одржа во Музејот на македонската борба, рече дека заедно со вработените во министерството чесно и посветено работеле согласно законите и дека против нив се кажуваат невистинити, презентирајќи документи, за кои вели дека го докажуваат законското работење на министерството.

„Сите предмети на кои работи Министерството, како што вели Канческа-Милевска, се чисти како солза, од првиот документ, до последниот и се спроведувани на најуреден начин согласно законите на нашата држава“, рече таа.

„Навистина е жално што нашата благородна идеја за еден ваков објект, сета посветена работа и труд на сите вработени во Министерството за култура, на сите стручни лица, на сите фирми коишто работеа на изградбата на овој прекрасен објект се ставени во заложништво на политички маркетинг, кој е во функција на предизборието“, додаде министерката.

Таа потенцираше дека при нејзиното доаѓање на функцијата министер за култура, била свесна за сите проекти кои се реализираат и дека тие треба да се контролираат.

„За жал морам да констатирам дека денешната прес-конференција на СЈО е очигледно дело од однапред планирано сценарио кое е во функција, како што кажав, на предизборите, во функција на политичка пропаганда која има за цел да го оцрни целокупното работење на Министерството за култура, на вработените во министерството и на институциите. Тоа нема да го дозволам, бидејќи сите вработени во Министерството за култура како државни службеници чесно и посветено си ја вршеле својата обврски согласно Законот“, рече Канческа-Милевска.

Според неа, СЈО уште еднаш покажало дека работи со инструкции дадени од Социјалниот демократски сојуз, дека работи површно, без никаква анализа „врз паушални претпоставки кои немаат никаква врска со вистината“.

„Сакам да потенцирам дека сите изнесени обвинувања од страна на госпоѓата Фетаи се неточни, невистинити и одговорно ги отфрлам во целост“, подвлече Канческа-Милевска.

„Тезите на Фетаи морам да кажам се рекла-казала, трач муабети, тие се една груба манипулација со која СЈО сака да стави дамка и на моето работење и на работењето на вработените во министерството. Таа рече дека постапките и проектите се завршени со одобрени за завршување на градба, со дозвола според законите“, додава.

За време на прес-конференцијата, министерката Канческа-Милевска истакна дека набавката за која СЈО обвинува, не се однесува за изградба на музејот, туку за набавка за партерно уредување околу музејот. Таа вели дека транспарентноста е целосно испочитувана и дека не е повреден Законот за јавни набавки.

Специјалното јавно обвинителство денеска отвори две нови истраги „Топлик“ и „Тендери“, односно за финансиски криминал при реализација на Музејот на македонската борба, дел од Скопје 2014, и за проектот Сончев Град на Водно. Според специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, со овие кривични дела бил оштетен буџетот на Република Македонија со над две милиони евра и грубо бил повреден Законот за јавни набавки.

„Топлик“ и „Тендери“ – две нови истраги на СЈО, овојпат за Музејот на македонската борба и Сончев Град