„Топлик“ и „Тендери“ – две нови истраги на СЈО, овојпат за Музејот на македонската борба и Сончев Град

Специјалното јавно обвинителство денеска отвори две нови истраги „Топлик“ и „Тендери“, односно за финансиски криминал за изградба на Музејот на македонската борба, дел од Скопје 2014, и за проектот Сончев Град на Водно.

Според специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, со овие кривични дела бил оштетен буџетот на Република Македонија и грубо бил повреден Законот за јавни набавки, а сторена е и лична корист за едно правно лице.

Со „Топлик“ тие се сомневаат дека шестмина службени лица од Министерството за транспорт и врски ја злоупотребиле својата фунција и го оштетиле буџетот за 1.044 милиони евра. Истрагата го опфаќа периодот од 03.04.2007 година до 18.02. 2013 година, во Скопје.

„Доказниот материјал упатува на основано сомнение дека веднаш потоа, првоосомничениот иако бил свесен дека постојат суштински недостатоци поради кои Министерството за транспорт и врски не може да ги исполни договорените обврски со договорот, на ден 8.6 2007 година, во име на Министерството за транспорт и врски склучил договор со друштвото правното лице Сан сити за отуѓување на градежното земјиште со јавно надавање. Овој договор, на ден 20.07.2011 година со судска спогодба склучена помеѓу Министерството и правното лице бил раскинат бидејќи правното лице токму поради суштинските недостатоци коишто биле констатирани уште од првата Комисија за јавно надавање едноставно не можело да го спроведе договорот. Од доказите произлегло основано сомнение дека поради раскинување на договорот, по вина на Министерството за транспорт и врски, истото се обврзало на износ од 223 милиони 954 илјади денари главен долг кој претходно целосно го вратил на правното лице да исплати и затезна камата. По тој основ, на 17.2.2011 година, од сметката на Министерството за транспорт и врски на сметката на друштвото Сан сити Скопје, била исплатена затезна камата во вкупен износ од 64 милиони 206 илјади денари, односно 1 милион и 44 илјади евра, за кој износ директно е оштетен буџетот на РМ“, рече обвинителката Фетаи.

Во вториот предмет насловен „Тендери“, осомничено е раководно лице во Министерството за култура и три лица членови на Комисијата за набавки при министерството за злоупотреба на службената положба и незаконско овластување, односно фаворизирање на фирмата „Бетон“ Штип да изврши завршни градежни работи во Музејот на македонската револуционерна борба, за што потоа биле исплатени 1 милион евра. Ова се случувало во периодот од 18.06 2011 година до 31. 12. 2013 година.

„Постои сомненија дека пред да се објави оглас за склучување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката спротивно на принципите на конкуренција и транспарентност превидени со Законот за јавни набавки, пред да се донесе одлука за потребата од јавна набавка, првоосомничената веќе донела одлука кој и да ја добие и да ја заврши работата предмет на набавката. Доказите упатуваат на основано сомнение дека првоосомничената на 18.06. 2011 година, преку телефонска комуникација со сведокот, тогашен генерален директор на Бетон Штип, му кажала фирмата да продолжи со работа, да ги изведува сите работи кои излегувале дополнително и да не се чека 20 дена за спроведување на нова јавна набавка“, рече Фетаи.

Според доказите, првоосомничената на сведокот му кажала дека веќе средила Комисијата за јавни набавки, откако ќе се објави огласот, договорот да го додели на Бетон Штип, со претходно договорени услови и критериуми кои единствено ги исполнувал оваа градежна фирма. Доказниот материјал упатува на тоа дека „Бетон“ Штип, во меѓувреме, без спроведена постапка на јавна набавка, ги извршувала завршните градежни работи на објектот, а потоа откако на 20.06. 2010 година бил објавен оглас за јавна набавка доставил понуда и земала формално учество во постапката.

Фетаи посочи дека против дел од осомничените во овој предмет, од судот ќе бидат побарани соодветни мерки за нивно обезбедување присуство во текот на постапката.

„Корупцијата и културата се два сосема различни животни концепти. Иако според она што го наведов постои сомнение дека овие два концепти се поистоветиле, сепак, ова обвинителство е основано и се бори за да им даде спротивен пат“, подвлече Фетаи на крајот од нејзиното обраќање.

Ленче Ристовска, пак, рече дека остануваат во УБК. Истражителите и обвинителите на СЈО кои од вчера дежураат во Управата за безбедност и контраразузнавање, утрово не можеле да влезат во Министерството за внатрешни работи, бидејќи МВР утринава вовело нова процедура за влегување. Но, потоа тие биле пуштени да влезат, а специјалната обвинителка Катица Јанева останала во Управата за безбедност и контраразузнавање. Тие биле информирани дека двете одговорни лица кои имале пристап до системите, биле во странство, а од Управата им било ветено дека ќе се обидат да се вратат.

СЈО: Тапкаме во место, УБК не постапува по судска наредба, ако треба ќе останеме до 1 јануари

Ристовска повтори дека добиле наредба од Основниот суд Скопје 1 –Скопје, по нивно барање, да им бидат доставени сите податоци за броевите кои биле маркирани во УБК во периодот кој е предмет на интерес на ова обвинителство (2008-2015).