Канаѓанец вети дека ќе донира милион семиња марихуана

Активистот за легализација на марихуаната Дејна Ларсен, кој на почетокот на годинава им испрати ќесичка марихуана на пратениците во парламентот на Канада, сега донира семе за расад на сите Канаѓани кои сакаат сами да одгледуваат.

Ларсен, кој е поранешен кандидат за пратеник на Новата демократска партија на Британска Колумбија, вчера вети дека ќе испрати бесплатно семе на секој кој сака да засади „победничка градина“ со канабис оваа пролет, до надеж дека дотогаш тоа ќе биде легално во Канада. Вели дека со тоа се обидува да ги стави федералните служби под притисок да ја декриминализираат марихуаната.

„Станува збор за граѓанска непослушност против неправедните закони против марихуаната, која нѐ донесе до работ на легализација“, напишал Ларсен во соопштението. „Ајде конечно да ги извадиме нашите растенија од плакарите , на свеж воздух каде што припаѓаат“.

Ларсен ги повикува идните одгледувачи на марихуана да ја посетат неговата нова веб страница и да пополнат краток формулар. Потоа, тој лично ќе му испрати 10 или 100 семиња на секој кој ќе вети дека ќе ја одгледува билката „отворено и слободно, по можност на свој сопствен имот“.

Рекреационалното користење на марихуана е сѐ уште илегално во Канада, но Ларсен не се грижи дека полицијата ќе го гони. Претходно по пошта на премиерката Кристи Кларк ѝ има испратено околу 15 грама виолетов куш, а на пратениците по еден грам марихуана заедно со неговата книга, илустрирана историја на канабисот во Канада. Полицијата на Торонто тогаш решила дека истрага за овој случај би била „губење време“.

Канадското министерство за јавна безбедност нема дадено коментар за „раздавањето“ на семе, но портпарол на владата потврдил дека потегот е „технички сѐ уште илегален“.

Извор: Vice