Канадски остров нуди работа и два ари земја за секој кој сака да се досели

Продавница на малиот канадски остров  Кејп Бретон добила илјадници пријави за работа, откако сопствениците понудиле два ари земја и работно место за секој кој може веднаш да се пресели на Кејп Бретон.

Farmer’s Daughter Country Market во селото Вајкокома на островот во Нова Шкотија на Фесјбук објави повик за вработување во продавницата, велејќи дека не може да понуди „големи пари“, но има „многу земја која треба да се обработува“.

Досега добиле повеќе од 3500 апликации, и велат дека ќе ги вработат сите заинтересирани кои одговараат за работното место. Аплицирањето не е завршено и се уште се во потрага по работници. Единствен услов за вработените е да останат да работат во продавницата најмалку пет години.

„Ние сме остварена фирма во срцето на Кејп Бретон, кој има многу работни места, земја и потенцијал, но нема луѓе“, велат од компанијата.

Огласот е насочен до сите кои „бараат поедноставен живот близу до природата, во област која се уште верува во бесплатни оброци и неделни „џеминг“ сесии“.

„Не можеме да ви дадеме многу пари, но можеме да ви дадеме неверојатен живот. Бараме луѓе кои се еколошки свесни, кои сакаат да бидат дел од заедница и ќе гледаат на нашата компанија како на место во кое не работат за нас, туку заедно работиме за да создадеме нешто на што ќе се гордееме“, се додава во огласот.

Ова не е прв пат островот, кој има население од околу 135000 луѓе, на неконвенционален начин да повикува луѓе кои би се населиле.

Во февруари директорот на туристичкиот борд на островот, Мери Тал, ги покани Американците кои би биле незадоволни од потенцијалното претседателство на Доналд Трамп да се преселат таму.