#КадеЕМоетоУчилиште? Родители од БиХ се борат за соодветно образование на нивните деца со попреченост

Група родители од Сараево прават кампања за обезбедување соодветно предшколско образование на децата со когнитивни пречки. Доколку нивната #GdjeJeMojaSkola? (#КадеЕМоетоУчилиште) акција успее, тоа би било прва таква промена во образовниот систем на Босна и Херцеговина.

Етничките поделби во босанскиот високо децентрализиран образовен систем, долго време се актуелни во јавноста. Во меѓувреме, властите, како и пошироката јавност, малку време посветуваа на другиот вид дискриминација, еднакво распоредена низ етничките и административните граници – таа кон децата со попречености, особено на оние кои имаат пречки во развојот.

„Инклузивното образование“ е декларативно прифатено како концепт, но, никогаш не се материјализираше во јавниот образовен систем на БиХ, растегнат помеѓу недостатокот на средства и политичката инструментализација.

Формалното образование за деца со когнитивни пречки започнува во прво одделение (на возраст од 7 години) во едно од државните специјални училишта. Многу малку од нив се вклучени во градинките, а за вклучените – тоа не значи ништо повеќе од обична негувателска услуга додека родителите се на работа. Системот нуди мала или никаква перспектива на овие деца за посетување на редовно училиште или учење вештини потребни за водење независен живот.

Едукација за сите – ЕДИС

За мал број на деца во Сараево, овие перспективи се променија пред седум години, кога тогаш новата организација „Образование за сите“ (ЕДУС), почна да нуди рани интервенции – предучилишни и училишни програми за деца со пречки во развојот. Деца на возраст од 18 месеци можеа да го комплетираат целиот круг на професионална помош: период на набљудување за да се утврди нивното ниво на развој; програма за учење заснована на посебните потреби за развој на нивните социјални и когнитивни вештини; како и континуиран мониторинг на напредокот, кој служи како основа за промени и прилагодувања во програмата.

Методот заснован на анализа на однесувањето, постојано покажува подобри резултати од класичното образование кај децата со когнитивни пречки. Доколку се започне на рана возраст, може дури да помогне во спречување на развој на некои фактори на ризик, значително подобрувајќи ја можноста на детето да учи и да се социјализира. Тоа е истовремено единствен потврден метод со позитивни резултати кај деца со аутизам.

Информациите за програмата во Сараево започнале да се шират и некои родители се преселиле од другите градови во земјата за да ги запишат своите деца. Санела Линдзи, генералната секретарка на ЕДУС и мајка на 15 годишниот Харис, кој има аутизам, објаснува:

„Се повеќе родители од новите генерации одбиваат да ја прифатат социјалната стигма која доаѓа со развојните потешкотии и ја одбиваат погрешната претпоставка дека треба сами да го носат целиот товар. Кога еднаш ќе сфатат дека им е потребна помош, брзо дознаваат каде да ја најдат. Го сакаат најдоброто за нивните деца и резултатите од овие програми зборуваат сами за себе – досега 35 деца успешно се вклучени во редовни училишта“, вели Линдзи.

Бројот на апликации брзо го надминала капацитетот на организацијата. ЕДУС се обратила до кантоналните власти за институционална помош за проширување, барајќи простор за да ги сместат сите деца на листата на чекање, како и соодветно професионален кадар за да го задржат истиот квалитет на работа.

Привремена солуција била најдена во 2015 година, во договор со Министерството за образование на кантонот Сараево, со што било дозволено 26 деца на возраст од 4 до 7 години да посетуваат предучилишна програма во просториите на Институтот Мједеница за специјално образование, кои се кофинансиери на платите за новите едукатори обучени од ЕДУС.

Место за уште 33 деца се обезбедило во основното училиште Владислав Скариќ, во договор со Мједеница. Дополнителни 35 деца на училишна возраст се запишале во Мједеница и 22 деца под 4 години посетувале рана интервенција во Владислав Скариќ.

Но, ниту тоа не било доволно за да бидат опфатени сите кои биле на листата на чекање. Во пролетта 2016 година премиерот на сараевскиот кантон, Елмедин Конаковиќ и министерот за образование Елвир Казазовиќ, го посетија ЕДУС и ветија пронаоѓање на одржливо решение во јавниот образовен систем. После повеќе од една година, наместо решение, родителите добија разочарувачки вести – Мједеница информираше дека нема повеќе ресурси за да го обвнови договорот. Соработката се прекина, оставајќи ги родителите беспомошни.

Советот на родители и претставници на ЕДУС ова лето го потрошија во обиди да договорат решение со кантоналното министерство. Општината во Сараево понудила празна училишна зграда, но, Министерството никогаш не ја завршиле процедурата за да ја регистира како предучилишна установа. Два дена пред да започне школската година, министерот уште бил на одмор, недостапен за контакт. Гледајќи како ја губат единствената опција за поддршка, родителите станувале очајни.

„КадеЕМоетоУчилиште?“

На Фејсбук тие почнаа да го користат хаштагот #GdjeJeMojaSkola? (#КадеЕМоетоУчилиште?), објавувајќи фотографии на нивните деца со објаснување за ситуацијата, со цел да го привлечат вниманието на јавноста.

„Твоето дете има 18 месеци и одеднаш забележуваш дека е различен од другите“, вели Аида Ајановиќ, чиј 4-годишен син Ведад исто така има аутистично нарушување.

„Не учи нови зборови, не одговара кога го изговарате неговото име. Одите на невро-педијатар, прави неколку серии тестови и дознаваш дека тој има „задоцнет развој“. И тоа е тоа. Заглавени сте тука, затоа што никој не знае што да правите со толку мало дете. ЕДУС беа единствените кои ја нудеа потребната помош. Ведад почна да посетува програма за рана интервенција пред две ипол години. Сега зборува и знае како да ги изрази основните потреби. За нас, ова е непроценлив напредок. Истовремено, секој ден кога не го добива неговото образование, клучно за неговиот развој на оваа возраст, е ненадоместлива загуба“, објаснува Ајановиќ.

Аида и нејзиниот сопруг, заедно со другите родители, одбиваат да паднат во очај и почнале да се организираат. Напишале писма до кантоналната власт, барајќи да се почитува правото на образование на нивните деца. Побарале уште еден состанок, но министерот не се појавил. Ги повикале медиумите тоа да го документираат и почнале да ги раскажуваат нивните приказни. Додека компанија за маркетинг им понудила бесплатни билборди.

Билборд на кампањата во Сараево, Босна и Херцеговина

Нивната кампања #КадеЕМоетоУчилиште?, се прошири на интернет и на улиците, информирајќи ги жителите на Сараево дека повеќе од 100 деца се во ризик да ја изгубат клучната поддршка за нивниот развој. Во првата недела на новата учебна година, образованието на децата со попреченост во развојот во Босна и Херцеговина за прв пат стана тема број еден.

Набрзо се покажаа и првите резултати од јавниот притисок кој го направија. По недели молк, кантоналната власт дозволи на Мједеница да го обнови договорот со 14 едукатори. Директорот на институтот понуди двосменско работење за да надомести за се уште недоволниот кадар. Министерот за образование соопшти дека ќе ги направи сите неопходни процедури за да се одобри училишната зграда понудена од општината Ново Сараево.

Секако, има уште многу да се направи. Привремените решенија допрва треба да се реализираат. Но, дури и потоа, родителите нема да запрат. Сакаат институционалната празнина да се пополни трајно, така што предучилишното образование за деца со пречки во развојот би било задолжително и би се подобрувало понатамошното образование.

Тие исто така сакаат тоа да се реализира на начин кој е функционален за нив, обезбедувајќи им на нивните деца можност да се развиваат како и сите останати. Доколку успеат во нивните напори, тоа може да биде прв чекор за систематско унапредување на животот на децата со пречки во развојот низ целата држава.

Пишува: Тијана Цвјетиќанин за Global Voices