Јапонија планира да ја намали возраста на полнолетството на 18 години

Децата во Јапонија ќе се сметаат за возрасни кога ќе наполнат 18 години, наместо како досега, со 20 години. Ова се предвидува со законските измени поддржани од Владата.

Ако измените се усвојата, 18-годишниците ќе можат да стапат во брак, да потпишат договори и да земаат кредити без согласност на нивните родители. Сепак на тинејџерите се уште ќе биде забрането пушење, пиење алкохол и коцкање, се додека не наполнат 20 години.

Ако парламентот гласа за законот, тој ќе стапи на сила во 2022 година. Тоа ќе биде прва промена на законот што ја дефинира зрелоста, донесен во 1876 година.

Според постојниот закон, лицата под 20 години можат да стапат во брак само со согласност на нивните родители. Мажите можат да го сторат тоа по 18 години, а жените од 16 години. Но, овој амандман ќе ја зголеми возраста на која жените можат да стапат во брак, така што сите 18-годишници ќе можат да го сторат тоа без согласност на родител.

Владата одлучи да одреди иста возраст за двата пола, бидејќи немаше оправдана причина за таа разлика, соопшти јапонските медиуми. Исто така, законот ќе им овозможи на 18 и 19-годишниците да склучуваат договори за мобилни телефони и за кредитни картички. Ова доведе до стравување дека некои бизниси може да користат тактики за продажба кои имаат за цел да ги искористуваат ранливите млади луѓе.

Предлог-законот вклучува клаузули кои се дизајнирани да ги заштитат од овој проблем. На пример, младите ќе можат да го откажат договорот ако веруваат дека продавачите ги изманипулирале или ги притискале да  потпишат вакви договори.

Министерствата за образование и правда, исто така, се изјаснија дека ќе ги едуцираат тинејџерите за одговорностите кои ќе дојдат со промената.