Извештај на ОН открива дека заканата со бомба што пренасочи авион во Белорусија била „промислено лажна“

Заканата за бомба која Белорусија ја искористи за да го оправда пренасочувањето на летот на „Рајанер“ минатата година била „промислено лажна“, се вели во извештајот на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Обединетите нации за инцидентот, јавува „Радио Слободна Европа“.

Белорускиот новинар Роман Проташевич и неговата девојка од Русија беа приведени на 23 мај кога белоруските власти со воен авион го придружуваа нивниот лет од Атина до Вилнус за тој да слета во Минск непосредно пред да го напушти воздушниот простор на Белорусија.

Белоруските власти тврдеа дека дејствувале поради закана за бомба од палестинската милитантна група Хамас, која се покажа дека е лажна.

Случајот Проташевич – „голема грешка која го врати фокусот на политичката криза во Белорусија“

Држави ширум светот го осудија белорускиот моќник Александар Лукашенко за „државното киднапирање“ на патничкиот авион за да се уапсат Проташевич и Софија Сапега. Двајцата сега се соочуваат со обвиненија поврзани со граѓанските немири кои уследија по спорните претседателски избори во август 2020 година. Моментално тие се наоѓаат во домашен притвор.

Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИКАО) формираше тим за проверка на факти за да го испита инцидентот и го објави својот долгоочекуван извештај на 17 јануари до сите 193 членки.

„Бидејќи ниту бомба, ниту докази за нејзиното постоење не беа пронајдени за време на скринингот пред полетување во Атина и по разни претреси на авионот во Белорусија и Литванија, се смета дека заканата за бомба била промислено лажна“, се вели во извештајот.

Сепак, ниту едно лице или држава не е идентификувано како извор на нелегалната измама, се додава таму.

Како одговор на извештајот на ИКАО, белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановскаја рече наводите покажуваат дека „режимот се обидел да ги скрие фактите за инцидентот на ‘Рајанер’“.