Белорусија го укина националното здружение на новинари

Белоруските власти наредија затворање на најголемото независно здружение на новинарите во земјата, додека продолжува пресметката со медиумите и граѓанското општество по минатогодишните оспорувани претседателски избори.

Одлуката за ликвидирање на Белоруската асоцијација на новинарите (БАН) ја донесе вчера Врховниот суд на Белорусија по барање на Министерството за правда, пренесе Радио Слободна Европа.

Формалната причина за ликвидирањето била дека Асоцијацијата не ги корегирала наводните прекршоци кои ги посочиле од Министерството за правда по инспекција извршена во јуни. Поточно на две од шесте ограноци на БАН, според белоруските власти, им истекле дозволите за работа. Од Асоцијацијата го негираат ова, но не можат да покажат никакви дополнителни докази бидејќи нивната документација била конфискувана минатиот месец.

„Ќе продолжиме со нашата работа, без оглед на одлуката на судовите, кои ги исполнуваат наредбите на властите. Проширувањето на просторот за слобода на говор е мисија на оваа организација повеќе од четврт век, но сега се дојдени најтемните времиња во Белорусија“, вели претседателот на БАН, Андреј Бастунец.

БАН е активна од 1995 година и е членка на Меѓународната федерација на новинари. Има преку 1.300 членови кои работат во радијата или телевизиите на различни медиумски компании.

Радио МОФ во мај направи интервју со Бастунец за тоа каква е ситуацијата со правата на новинарите во земјата. Интервјуто можете да го погледнете на линкот во продолжение:

„Белоруските медиуми се соочуваат со системски притисок од власта“ – Андреј Бастунец за Радио МОФ