Русија ги укина известувањата на неколку интернационални медиуми

Руските жители повеќе немаат пристап до „Би-би-си“ на руски јазик, како и медиумите „Дојче Веле“, „Радио Слобода“ и „Медуза“. Државната руска медиумска агенција пренела дека руските власти усвоиле закон според кој ширењето на дезинформации во врска со безбедносните сили е кривично дело.

Според Кремлин, не станува збор за војна, туку за специјална воена операција, пренесува „Би-би-си“.

„Пристапот до точни, независни информации е фундаментално човеково право, а на руските жители тоа не смее да им е ускратено. На неделно ниво, милиони руски жители се потпираат на „Би-би-си“ вестите. Ќе продолжиме со напорите за повторна достапност на ‘Би-Би-Си’ во Русија и во остатокот на светот“, изјавил потпарол на „Би-би-си“.

По конфликтот, на руските жители им е потешко да дојдат до свежи и точни информации за војната.

Во четвртокот, еден од последните независни медиуми во Русија, ТВ „Дожд“, сопре со информирањето поради притисокот со кој се соочи откако независно известуваше за инвазијата. Каналот згасна откако покажа како новинарите го напуштаат студиото.

Рускиот регулатор за телекомуникации ја обвини телевизијата за „поттикнување екстремизам, злоупотреба на руските жители и предизвикување нарушување на јавниот ред и мир, како и поттикнување протести“.

По медиумскиот мрак, во етерот била пуштена снимка од изведба на „Лебедово езеро“, а според протоколите во Советската ера, изведбата била пуштана при смртта на лидерите, како и за време на воениот пуч кој придонел за крајот на Советскиот Сојуз.

Државно контролираните медиуми во Русија ја претставуваат војната многу поразлично од остатокот од светот.