Истрага на ОН: Белорусија незаконски приземји авион за да уапси дисиденти

Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИКАО) оцени дека принудното слетување на летот на „Рајанер“ во Белорусија во мај 2021 година, што овозможи апсење на белоруски дисиденти на тој лет е „незаконско мешање“.

Специјализираната агенција на ОН со седиште во Монтреал вчера објави соопштение по прегледувањето нов материјал, вклучително и аудио снимки од контролорите на летање од Минск.

Од ИКАО претходно објавија дека не знаат кој е одговорен за принудното слетување на авионот на 23 мај минатата година.

Извештај на ОН открива дека заканата со бомба што пренасочи авион во Белорусија била „промислено лажна“

Заканата за бомба, која беше наведена како причина за итно слетување, била „промислено лажна“, ја загрозила безбедноста на летот и била заснована на инструкции од високи белоруски владини претставници, утврди ИКАО, според соопштението објавено вчера.

Белоруските власти го принудија летот „FR4978“ кој беше на пат од Атина кон Вилнус со повеќе од 100 патници, да слета во Минск.

Случајот Проташевич – „голема грешка која го врати фокусот на политичката криза во Белорусија“

Антивладиниот белоруски блогер и новинар Роман Проташевич, кој е ко-основач на опозицискиот Телеграм канал „Некста“ и неговата тогашна девојка Софија Сапега беа меѓу патниците. Двајцата се приведени по слетувањето на авионот.

Европската Унија потоа го затвори својот воздушен простор за белоруски авиони.

Во мај, Сапега беше осудена на шест години затвор за водење опозициски канал на Телеграм. На крајот на јуни таа побара помилување од претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко.

Според наведувањата на медиумите, на Проташевич допрва ќе му се суди.

Во јануари, САД обвинија четворица белоруски владини функционери за киднапирање со присилно слетување.

Обвинителите во Њујорк ги обвинија за „заговор за извршување воздухопловна пиратерија“. Меѓу патниците имало и четворица американски државјани.