Авиокомпанијата „Рајанер“ соопшти дека завршува ерата на билетите по цени од 10 евра

Авионската компанија „Рајанер“ денес соопшти дека повеќе нема да нуди авионски билети со ниски цени поради поскапувањето на горивата.

Извршниот директор, Мајкал О’ Лири изјави дека заврши ерата на авионските билети по цена од 10 евра.

Просечната цена на билетите од 40 евра ќе порасне на 50 евра во текот на наредните пет години, изјавил О’Лири за „Би-Би-Си“.

Сепак, тој верува дека луѓето ќе продолжат да патуваат со авион често како до сега, без разлика на зголемените трошоци за живот.

Поскапувањето на цените на горивата влијае врз поскапувањето на сметките за струја и храна. Сепак шефот на „Рајанер“ смета дека луѓето наместо да патуваат поретко, ќе бараат поевтини билети.

„Мислиме дека луѓето ќе продолжат да летаат често како и до сега. Сепак, сметам дека луѓето ќе станат многу почувствителни околу цените на билетите и ќе бараат пониски цени“, рекол О’Лири.

Имено, поради ниските цени што авиокомпаниите ги нудеа во последниве децении, бројот на летови значително се зголеми, и се повеќе луѓе патуваа со авион во странство. Авиокомпаниите како „Рајанер“, „Изиџет“, „Вуалинг“ и „Визер“ постојано се натпреваруваа во своите понуди за тоа која компанија ќе понуди поевтини летови.