Преку 7.000 летови откажани поради Омикрон

Десетици илјади патници се погодени од откажувањето на илјадници летови откако поради растот на ковид-случаите авиокомпаниите се соочија со недостаток на работници.

Најмалку 7.000 летови од петокот се откажани во предновогодишната недела според вебсајтот „FlightAware“, кој ги следи податоците.

Најпогодени се кинеските и американските авиокомпании, а дополнителни откажувања се најавени и за понеделник.

Компаниите велат дека откажаните летови се поради позитивни тестови на авионскиот екипаж. Вработените кои немале позитивни тестови, но биле во контакт со заболените, се принудени на самоизолација.

Во моментов во светот се регистрира значителен раст на случаите на коронавурусот низ светот, претежно предизвикани од Омикрон сојот.

И покрај првичните сознанија дека оваа варијанта е поблага од другите, научниците се загрижени за брзото ширење на вирусот.

Од почетокот на пандемијата скоро 5,4 милиони луѓе починаа како последица од Ковид-19, низ светот досега се потврдени повеќе од 279 милиони случаи на вирусот.