Ризикот за хоспитализација од Омикрон е 40% понизок од Делта, покажуваат првичните анализи

Омикрон сојот од коронавирусот е поблаг во споредба со претходната доминантна варијанта од вирусот, откако првичните анализи на податоците утврдија 40% помалку хоспитализации и 20 до 25% помалку шанса за посета на болница на заразените лица.

Научниците сепак предупредуваат дека високата трансмисија на вирусот и понатаму се заканува да го оптовари здравствениот систем.

Се работи за две студии кои покажуваат понизок ризик за хоспитализација од Омикрон. Тимот од Кралскиот колеџ во Лондон ги анализирале хоспитализациите и вакциналниот статус на потврдени случаи во Англија помеѓу 1 и 14 декември. Во истражувањето биле вклучени 56.000 случаи на Омикрон и 269.000 случаи на Делта сојот.

Нивната студија покажала дека ризикот за посета на болница бил 20 до 25% понизок со Омикрон варијантата, додека од 40-45% понизок за хоспитализации најмалку една вечер. За луѓето кои претходно не биле заразени со Ковид-19, ниту биле вакцинирани, ризикот за хоспитализација бил 11% понизок со Омикрон во споредба со Делта.

Предводникот на истражувањето, професорот Нил Фергусон, вели дека иако станува збор за „добри вести“, сепак доказите за пониски хоспитализации од вирусот делумно се неутрализираат од намалената ефикасност на вакцините против Омикрон варијантата.

Оваа студија истовремено покажала дека претходна Ковид инфекција го намалува ризикот од хоспитализација од Омикрон за околу половина споредено со првичната инфекција.

Во друга студија во Шкотска, која допрва треба да биде научно рецензирана, забележано е уште поголемо намалување од ризикот од хоспитализација. Научниците користеле болнички податоци во периодот од 23 ноември до 19 декември и заклучиле дека ризикот за хоспитализација од Омикрон може да биде и до 70% понизок во споредба со Делта варијантата.

Шкотската студија е базирана на мал број случаи, а најголемиот број од пациентите со Омикрон биле на возраст меѓу 20 и 39 години.

„Потенцијално сериозното влијание на Омикрон врз популацијата не може да се потцени. И дури помала пропорција од многу поголеми бројки кои на крајот би требало да бидат лечени ќе значи голем број луѓе кои би доживувале сериозни Ковид инфекции“, објаснува доктор Џим Мек Менамин од шкотскиот Институт за јавно здравје.