Пандемијата на коронавирусот тешко ја погоди борбата против ХИВ

Пандемијата на коронавирусот има драматични последици за борбата против ХИВ бидејќи превентивните програми се компромитирании поради пренасочување на човечките и финансиските ресурси, а снабдувањето со лекови е нарушено, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Но, програмата на Обединетите нации, УНАИДС и други хуманитарни организации предупредуваат дека борбата против ХИВ и СИДА беше премногу бавна во светот дури и пред избувнувањето на пандемијата.

Според УНАИДС, лицата кои се заразени со ХИВ имаат двојно поголем ризик да починат од последици на коронавирус во споредба со општата популација.

Во исто време, повеќето луѓе кои се борат со ХИВ сè уште немаат пристап до вакцините против коронавирус.

Две третини од луѓето кои имаат ХИВ живеат во субсахарска Африка, каде што само три отсто од населението е вакцинирано против коронавирус со најмалку една доза до средината на оваа година.

„Ковид-19 значително ја уназади борбата против ХИВ“, рече Питер Сендс, извршен директор на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија.

Според организацијата, тестирањето за ХИВ опаднало за 22 отсто, додека бројот на лица кои учествуваат во програмите за превенција од ХИВ е намален за 11 отсто.

Според податоците на ОН, околу 80 милиони луѓе во светот биле заразени со ХИВ од откривањето на вирусот во 1981 година, а 36.3 милиони починале од СИДА.