Данска ќе ги укине сите мерки и Ковид-19 повеќе нема да го смета како критична закана

За две недели Данска ќе престане да го смета Ковид-19 за „заболување кое е критична закана по општеството“, а со тоа ќе се укинат и сите преостанати рестрикции поради пандемијата.

Министерот за здравство, Магнус Хенике, во соопштение до јавноста, информираше дека постои високо ниво на вакцинирано население во Данска, особено меѓу ранливите категории, со што драстично е намален ризикот предизвикан од вирусот.

„Епидемијата е под контрола, имаме рекордно високи нивоа на вакцинирани граѓани. Како резултат на тоа на 10-ти септември можеме да ги напуштиме некои од посебните мерки кои моравме да ги воведеме во борбата со Ковид-19“, вели Хенике.

На овој датум истекува указот од данскиот парламент со кој Ковид-19 од март минатата година беше карактеризиран како „заболување критично за општеството“.

Сепак Хенике посочи дека епидемијата не е завршена и напомена дека владата нема да се двоуми брзо да реагира доколку вирусот повторно стане закана за нормалното функционирање на општеството.

Дел од мерките ќе престанат да важат од 1-ви септември, како потребата за покажување на ковид-дозвола за влез во ресторани и барови. Од 10-ти септември пак посетителите нема да треба да покажуваат ваква дозвола ниту при влез во ноќните клубови и дискотеките, како и при влез на фудбалски натпревари.

Сепак на сила ќе останат мерките и правилата кои го регулираат влезот во земјата од странство.

Во Данска, која има 5,8 милиони жители, повеќе од 70 проценти од населението е целосно вакцинирано. Од почетокот на пандемијата во земјата биле регистрирани 342.474 случаи на заболени со коронавирусот, додека 2.576 луѓе починале од вирусот.