Повеќе од четвртина од населението на ЕУ примило најмалку една доза на вакцина против Ковид-19

Повеќе од една четвртина од населението на Европската Унија (ЕУ) примила најмалку една доза вакцина против коронавирусот, соопшти Европската комисија (ЕК), пренесува „Н1“.

Според податоците на агенцијата „Франс прес“, повеќе од 9% од населението на ЕУ е целосно вакцинирано.

„Вакцинацијата се забрзува во Европа – само што надминавме 150 милиони вакцинации… До јули ќе имаме доволно дози за да вакцинираме 70% од возрасните во ЕУ“, напиша претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на Твитер.

Според „Франс прес“, најмалку 153.8 милиони дози биле администрирани на 112.4 милиони луѓе, што е 25.1 отсто од населението во ЕУ.

Најмалку 41.9 милиони луѓе се целосно вакцинирани, или 9.4 отсто од населението.

И покрај забрзувањето на процесот на вакцинација, ЕУ се уште заостанува зад Соединетите Американски Држави каде целосно се вакцинирани околу 30 отсто од населението, Израел каде целосно се вакцинирани 58 отсто од населението и Велика Британија со 23 отсто.