Француско истражување покажува дека вакцините се 90% ефикасни против тешките форми на Ковид-19

Вакцинацијата против Ковид-19 го намалува ризикот од хоспитализиација и смрт за 90% кај луѓе постари од 50 години и се чини дека е ефикасна против делта варијантата на вирусот, покажуваат резултати од нова француска студија, пренесува „Данас“.

„Ова значи дека вакцинираните луѓе имаат девет пати помал ризик од хоспитализација или смрт од Ковид-19 отколку невакцинираните луѓе, изјави епидемиологот Махмуд Зуреик, кој е на чело на научната група „Епи-Фар“.

Истражувачите споредија податоци на 11 милиони вакцинирани лица постари од 50 години со податоци на 11 милиони невакцинирани луѓе во истата старосна група од 27 декември 2020 година до 20 јули 2021 година.

Од 14-тиот ден по втората доза на вакцината е забележано „намалување на ризикот од хоспитализација за 90 отсто“, се наведува во студијата.

Ова се однесува на вакцините „Фајзер“, „Модерна“ и „АстраЗенека“ кои се во употреба во Франција од почетокот на студискиот период.