СЗО: Околу 15 милиони луѓе починаа од коронавирусот или неговото влијание

Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека речиси 15 милиони луѓе починале или од коронавирусот или од неговото влијание врз преоптоварените здравствени системи во последните две години, пренесува Ал Џазира Балканс.

Тоа е повеќе од двојно повеќе од официјалниот број на смртни случаи, кој изнесува шест милиони. Најголем број смртни случаи има во Југоисточна Азија, Европа и Северна и Јужна Америка.

Во извештајот објавен вчера, генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус рече дека ваквата бројка треба да ги охрабри земјите да инвестираат повеќе во своите капацитети за да се справат со идните здравствени итни случаи.

Научниците кои ги задолжи СЗО да го пресметаат вистинскиот број на смртни случаи од коронавирусот помеѓу јануари 2020 година и крајот на минатата година процениле дека имало помеѓу 13.3 и 16.6 милиони смртни случаи.

Смртните случаи биле директно предизвикани од коронавирусот или настанале поради влијанието на пандемијата на здравствените системи, како што се, на пример, смртните случаи на пациентите со рак кои не биле во можност да се лекуваат, бидејќи болниците беа полни со заразени со вирусот.

Бројките се засноваат на податоци добиени од земјите и со статистичко моделирање. СЗО не ги оддели веднаш бројките за да направи разлика помеѓу директните смртни случаи од вирусот и другите смртни случаи предизвикани од пандемијата.

Точниот број на смртни случаи од коронавирусот беше проблематично да се одреди за време на пандемијата, воглавно поради ограниченото тестирање и разликите во тоа како земјите ги бројат смртните случаи од коронавирус.

Според податоците што владите ги пријавија до СЗО и оние што ги поседува Универзитетот „Џон Хопкинс“, досега се пријавени повеќе од шест милиони смртни случаи од коронавирусот.