Изложбата „Комплицирано е“ од Кирчо Арсовски вечерва во Струмица

„Комплицирано е“ е новата изложба на Кирчо Арсовски што ќе се отвори вечерва (20 јануари) во 21:00 часот во барот „Нагоре“ во Струмица.

„Оваа субкултурна уметност заслужува внимание исто колку и секоја друга форма на изразување, затоа што нема цел да биде запаметена, особено од оние кои ги пишуваат страниците на историјата на уметноста, но истовремено носат пораки кои треба да бидат видени и препознаени“, се вели во најавата за изложбата.

Вечерва ќе бидат презентирани 30 дела, а изложбата има и продажен карактер и таа ќе биде отворена за разгледување еден месец.

„Кирчо Арсовски е еден од најдобрите поп андерграунд автори во Македонија, медиумот кој го претставува е инфантилен, што би рекле тинејџерски, претставува политички и сексуални фрустрации, а опусот и тематика му се препознатливи, баш поради тоа што користи евтини материјали, а неговиот израз и лесното поп изразување не е тенденциозно, традиционално, ниту претенциозно, баш како во музиката на ТБ Трачери. Тој е лесен во цртањето како во гитарското перце, со неколку ликовни рифови прави како што големите мајстори покриваат огромни платни површини“, пишува Митко Гогов во текстот за изложбата.

Ова е втора изложба од проектот „Ѕид на уметноста“ во кој струмичани ќе имаат можност да се запознаат со уште еден од уметниците во Македонија кои создаваат авангардна и неконвенционална уметност.