Изложба на портрети на „спасители“ од утре во Музејот на Холокаустот

Потрети и сведоштва на спасители кои биле дел од конфликтите во Босна и Херцеговина, Камбоџа, Руанда и дел од Холокаустот, од утре, ќе бидат прикажани во македонскиот Музеј на Холокаустот како дел од изложбата „Спасители“.

Настанот е организиран од Хелиншкиот комитет за човекови права на Македонија во соработка со Центарот за пост-конфликтно истражување од Босна и Херцеговина, кои ја подготвија изложбата заедно со PROOF: Media for Social Justice и Јејл Универзитетот.

Портретите на спасителите се во авторство на Пол Лов, Мирко Пинцели, Леора Кан, Николас Акселрод, Соња Фолкман и Рикардо Гангале.

„Спасители“ е компонента од „Обични херои“, мултимедијален проект на Центарот за пост-конфликтно истражување, кој се базира на интервенции во интеркултурното разбирање во општества кои опфаќаат различни социо-културни заедници. Проектот се состои од изложба на портрети и сведоштва на луѓе „Спасители“ кои имале значајна морална улога за време на конфликтите во Камбоџа, Руанда, Босна и Херцеговина, како и за време на Холокаустот и серија на документарни филмови кои се однесуваат на вистинските приказни на граѓани на Босна и Херцеговина, чии засолништа за време на масовните злосторства во ова држава значеле и спас на животите на другите, објаснуваат организаторите.

Во рамките на настанот, на Правниот факултет „Јустинијан Први“ ќе се одржат две младински работилници со програма во која ќе биде опфатена втората компонента од проектот „Обични херои“, како и други теми поврзани со транзициската правда.

На отворањето на изложбата, во 19:30 часот, ќе се обратат Уранија Пировска, извршна директорка на македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права и Татјана Миловановиќ од Центарот за пост-конфликтно истражување, а кратко тематско обраќање ќе има и професорот Љубомир Фрчковски.