Изложба на Маја Кировска во Јужна Кореја

Македонската уметница, Маја Кировска ќе го прикаже својот проект „(РЕ)Анимирано“ на изложбата „Soyoyu“ во Јужна Кореја.

На 4 август со почеток во 18:00 часот, во Националниот културен центар на Чунбук, во градот Ченгџу, Јужна Кореа, ќе се отвори изложбата „Soyoyu“, каде на покана на корејските уметници, во рамки на овој проект како специјален гостин македонската уметница Маја Кировска ќе го прикаже својот проект – изложбата „(РЕ)Анимирано“.

На изложбата „Soyoyu“ со свои дела ќе се претстават уметниците Санјан Ли, Кионхуа Ли, Донграк Сон, Џијанг Гонг, Џијан Мун, Инсук Риу, Сангсу Цонг, Хозе Брузон Авила, Гиљце Цонг, Маја Кировска и Оскар Хуго Конча.

Всушност тоа е претставување на групата „Exit“, која е формирана во градот Ченгчу во 2010 година и има флексибилно членство. Во неа покрај основачите, секоја година кон изложбите се приклучуваат различни членови, а исто така покануваат и гости од странство. Изложуваат по два пати годишно, еднаш во Кореа, еднаш во странство.

Санјан Ли е организатор на изложбата, таа работи како уметник и професор на Чунбук универзитетот во Ченгџу. Во подготовки е и посетата на Санјонг Ли и нејзината група Егзит на Македонија и претставување на нивните најнови проекти следната година.