Скопското астрономско друштво (САД) организира изложба на астрофотографија насловена „Небото над Македонија“.
Изложбата ќе биде отворена на 22 септември 0д 20:00 часот во Младинскиот културен центар. На изложбата ќе бидат претставени фотографии од членовите на друштвото направени на ноќното небо од различни локации низ Македонија. Целата е да се пренесат убавините и инспиративните глетки кои можат да се забележат на небото со голо око, фотоапарат или телескоп.
Воедно, со овој настан САД сака да укаже на важноста на зачувување на темното ноќно небо и да апелира кон намалување на загадувањето со вештачка светлина. Токму затоа, носечка фотографија на изложбата претставува пејсаж со Млечниот пат, сликан од Коњско, Преспанско езеро, регион кој се смета за најтемните во Македонија.
Преку астрофотографиите ќе бидат претставени најразлични небесни објекти: галаксии, маглини, ѕвездени јата, објекти од Сончевиот систем, вештачки сателити, како и пејсажни фотографии со астрономски мотиви.
Изложбата е под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија и е помогната од Младинскиот културен центар. Изложбата ќе биде отворена до 29 септември, а влезот е бесплатен.