Изложба, читање и проекција на документарец во КСП Центар-Јадро по повод 60 годишнината од скопскиот земјотрес

КСП Центар-Јадро, овој месец во кој се навршуваат 60 години од катастрофалниот скопски земјотрес, го одбележуваат со два настани: „26 Јули, 1963“ – изложба на фотографии, видео проекција и други меморабилии за Скопје во организација на Општина Центар и „Сведоштва за земјотресот“ од Нестор Несторовски во организација на неговата ќерка Солунка Зоксимовска.

„26 Јули, 1963“ – изложба на фотографии, видео проекција и други меморабилии за Скопје

Отворање на изложбата на 26 јули во 10 часот.

За да го одбележи овој јубилеј, Општина Центар во соработка со КСП Центар-Јадро   ја организира изложбата „26 Јули, 1963“ .

Изложбата е конципирана како мултимедијален настан на кој посетителите  ќе можат да погледнат документарен филм за Скопје,  макети од централното градско подрачје, албуми со приватни фотографии како и историски фотографии од неколку периоди од развојот на Скопје со акцент на територијата на Општина Центар, предземјотресениот период, катаклизмичниот постземјотресен  период како  и обновениот Центар.

Изложбата ќе ја отвори градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

 „Сведоштва за земјотресот“ читање и проекција на документарен филм

Настан во организација на Солунка Зоксимовска

Отворање на настанот на 27 јули во 20 часот.

Невидената трагедија што му се случи на Скопје во земјотресот од 26 јули 1963 сѐ уште се раскажува низ многубројни драматични приказни, кои некои запишувачи ги нарекуваат и скопски вистинити легенди.

На овој настан, Солунка Зоксимовска ќе ги претстави записите на нејзиниот татко, Нестор Несторовски, единствен преживеан од зградата  на  бул. ЈНА  во која што тој живеел. Меѓу загинатите се и неговата сопруга и двете деца на возраст од 13 и 14 години, Солуна и Мишко.

Сведоштвата започнуваат со настаните што се случиле два дена пред земјотресот а завршуваат со извлекувањето на Нестор од урнатините на зградата. По претставувањето на записите ќе следува проекција на документарен филм во продукција на Македонската радио телевизија кој се базира на  потресната приказна и сведоштвата на Несторовски.