Хуманитарен концерт за Турција и Сирија во КСП Центар Јадро

Со музички настапи на Марија Каева, Хана Корнети и триото Теодосиев- Букуршлиев и Костов, во КСП Центар Јадро ќе се одржи хуманитарен концерт за Турција и Сирија.

Концертот ќе се одржи на 11 март, сабота, со почеток во 12 часот попладне, а собраните средства ќе бидат наменети за погодените семејства од катастрофалните земјотреси во кој загинаа повеќе од 50.000 луѓе во Турција и Сирија.

На концертот со свои музички настапи ќе се претстават Хана Корнети на укулеле, Марија Каева во придружба со Владан Дробицки и Дино Милосављевиќ, како и триото Драган Теодосиев, Филип Букуршлиев и Јордан Костов.

„Нашата установа која е плод на колективна грижа и солидарност, чувствува обврска да даде поддршка на тие што се најпогодени од оваа природна катастрофа. Во ова тешко време, веруваме дека секој придонес во било каква форма е од огромно значење за двете земји“, велат од КСП Центар Јадро.

Оттаму апелираат заеднички да се даде поддршката за погодените од земјотресот во Турција и Сирија преку оставање на донации во кутијата поставена на влезот на просторот.

„Минималната препорачана донација за концертот изнесува 200 денари, кои посетителите ќе можат да ги оставаат во кутиите за донации што ќе бидат поставени од Црвениот крст на Град Скопје за време на настанот во Центар-Јадро. Сите се добредојдени да присуствуваат, да се солидаризираат и да ја поддржат оваа важна кауза“, истакнуваат од КСП Центар Јадро.