„Сон во сон“ – Концерт на дуото СолиПс во Филхармонија

Во среда (4 мај), од 20 часот, во камерната сала на Македонската филхармонија ќе се одржи концертот „Сон во сон“ на француско-македонското дуо СолиПс (SopliPse).

На концертот ќе настапат сопранистката Гонца Богоморова Краповска и дуото СолиПс во состав – Елена Стојческа на флејта и Ромен Петио на гитара.

Организаторите посочуваат дека е предвидена модерна музичка програма, во рамките на која ќе биде изведено оригиналното дело „Океан во капка“ на македонската композиторка Дарија Андовска, специјално компонирано за овој концерт. Во оваа прилика, за првпат ќе бидат изведени и две македонски традиционални композиции, преработени повторно од Дарија Андовска.

Освен дела за дуо и за соло изведба, ќе бидат изведени и три француски дела: Две поеми од Ронсар на Албер Русел, извонредното дело Самогласки за соло флејта на Софи Лаказ, инспирирано од поема на Артур Рембо, и Мирот почива во пустина на Жан-Кристоф Роза. Популарната Петта Арија од серијата арии Бахијана Бразилерас на Вила-Лобос ќе биде изведена во нејзината оригинална верзија за вокал и гитара. Италијанскиот композитор Масимилијано Месиери, чие дело Сон во сон ќе биде изведено на концертот, ќе биде присутен на настанот.

Влезот на концертот е слободен.

Концертот се организира со поддршка на Министерството за култура на Северна Македонија и Францускиот институт во Скопје.

Дуото СолиПс (SoliPse) е формирано во 2011 година и е составено од македонската флејтистка Елена Стојческа и францускиот гитарист Ромен Петио. Двајцата музичари имаат меѓународна кариера и како дуо настапувале на фестивалите „Охридско лето“ и „Денови на македонската музика“, потоа на „Сараевска зима“ во Босна, „Маскфест“ во Сан Марино, „Форфест“ во Кромежиж во Република Чешка. Учествувале и на фестивалот „Сагона“, фестивалот „Ароманш“, на „Неделата на класична музика“ во Лавоар,
Франција, потоа во Музејот Скрјабин во Москва, во Кралскиот музеј за ликовни уметности во Брисел итн.

Овој музички состав флејта/гитара покажува наклонетост кон репертоарите од 20-от и 21-от век и имаат за цел да промовираат современи композитори, како Доина Ротару, Масимилијано Месиери, Тору Такемицу, Винсент Еро, Лоранс Шер или Едисон Денисов.